Loading Video...
Македонија
12. February 2023 - 16:33

Штипските пожарникари спасуваат преживеани во турскиот град Адијаман - сведочат за катастрофа од огромни размери

Македонските спасители пожарникари од вториот конвој веќе трет ден се стационирани во Адијаман, град од 250 000 жители на југоистокот на Турција. Заедно со турските колеги работат на вадење на телата од под урнатините на три разрушени објекти, а завчера за среќа успеаја да извадат и жива жена на 37 годишна возраст. Пожарникарите сведочат дека станува збор за катастрофа од огромни размери.

- Еден од најопасните земјотреси што може да постојат. Колку е разрушен градот тоа е чудо. Глетката е страшна. На затрупаните тела овде се нивни пријатели, роднини и секој очекува да го извадат неговото тело. Зградиоте се огромни, во една зграда има околу 150 до 180  затрупани тела, како што кажаа властите, изјави Дарко Коцев, командир на ТППЕ-Штип.

Сепак надеж се уште постои дека под рушевините ќе најдат уште некое лице кое успеало да го преживее земјотресот.

- Ние сме дојдени за таа цел, да спасиме некого. Има уште надеж, се работи прецизно, пополека, за да не се повредат и се надеваме дека ќе спасиме уште некој човек, додаде Коцев.

Македонскиот тим е сместен на безбедно во шатори во парк, обезбедени се со храна и вода, а се работи од утро до мрак.