Бизнис
15. February 2023 - 12:26

Зголемена побарувачка на станови во Штип

Огласувачите вештачки се обидуваат да ги покачат цените на становите во Штип, па се бара и до 1000 евра за м2 за старите згради, но состојбата на пазарот е непроменета, велат од агенциите за недвижнини. Покачување има само кај новите градби, меѓутоа тоа се однесува за помалите стамбени единици, за кои во моментот има најголем интерес.

- Се продаваат по 600 до 650 евра за м2 за старите станови, иако има и некои понови станови, особено помалата квадратура, која се бара, значи 30 до 40 м2 и тие се бара, доколу се во понова зграда и со добар распоред и тие се малку поскапи. Значи, имаме многу побарувања за мали станови, изјави Соња Катарова, Агенција за недвижнини.

Големата побарувачка се должи на поволните стамбени кредити кои ги нудат банките со рок на отплата до 40 години за младите брачни парови и на зголемениот број странски и домашни студенти по завршувњето на пандемијата.

- Некои станови што се продаваа, што беа на пазарот , на продажба, ги изнајмивме и се создаде една празнина, па можеби и тоа довело до таа фама што се шири низ градот, додаде Катарова.

Во однос на пазарот на недвижнини, Штип се уште го држи приматот, центар на истокот.

- Интересот е од цела источна Македонија, овде се купуваат станови, универзитетски град, изјави Катарова.

Сосема спротивна е состојбата со деловните објекти. Се бараат само со поголема квадратура, а цената најмногу зависи од атрактивноста на локацијата и достигнува и до 4000 евра за метар квадратен.