Бизнис
15. February 2023 - 16:34

Синдикалната кошничка изнесува 50.800 денари, проблеми со платите во обвинителствата

Ни една просечна и минамална плата не можат да ги задоволат месечните потреби за преживување на едно 4 члено семејство. Синдикатот пресмета незначително намалување на трошоците за живот во јануари, за 400 денари. Но велат, поевтинувањето не може да се почувствува. Напротив цените и натаму растат, се намалува само грамажата на производите.

-Тоа што беше кило сега е 900 грама, тоа што беше литро, сега е 900 милилитри, така што немаме никакво поевтинување, туку напротив, имаме зголемување на цените. Минимална и просечна плата не ја покриваат оваа потрошувачка кошница и македонскиот работник е задолжен да работи прекувремено и на црно, да ја поткопува сивата економија, бидејќи со овие плати не се излегува на крај во месецот, изјави Иван Пешевски, потпретедател на ССМ.

Најавата за пораст на минималецот, кој од март ќе достигне 20.100 денари, како и линеарното зголемување на платите во администрацијата за 2 илјади денари – нема да ги задржи работниците. Газдите, но и Владата да ги зголемат платите, за да се сочува купувната моќ кај работниците, предлагаат од ССМ.

Излез од кризата ќе има само ако се усогласат платите со порастот на трошоците за живот за да ја задржат работниците купувната моќ. Но со овие плати, газдите да не очекуваат дека работниците ќе бидат продуктивни со 20 илјади плата. Да се зголемат платите, во спротивно, ќе останеме без работници, само министрите и пратениците ќе останат во државата, додава Пешевски.

И додека се чека пораст на минималецот, а со тоа и на останатите плати, Синдикатот на УПОЗ реагира дека ниските плати на службениците во судовите станале уште пониски. Министерот за финансии им ги скратил додатоците на плата, а ги зголемил кај обвинителите. Со ваквиот потег, министерот Бесими ги доведува вработените во Јавните обвинителства во нееднаква позиција и создава револт и раздор меѓу различните групи на вработени во јавните обвинителства, пишува УПОЗ. Од Министерството за финансии велат дека додатокот на плата на јавните обинители е регулиран согласно Законот за плати, каде обивителите имаат право на додатоци за посебни услови за работа, постоење на висок ризик и доверливост. Висината на додатоците и се уредува со акт на јавниот обвинител, кој раководи со тоа јавно обвинителство, се наведува во одговорот на Министерството за финансии.