Македонија
28. February 2023 - 12:25

Штипскиот завод и музеј доби поддршка од Министерството за култура, но средствата се редуцирани

Министерството за култура одобри 90% од аплицираните проекти на штипскиот Завод-Музеј за тековната година, но средствата за реализација се редуцирани. Продолжуваат археолошко - конзерваторските работи на локалитетите во општините Свети Николе, Карбинци и Конче. 

  • Едни од позначајните проеки кои што оваа година ни беа во план и моравме да ги завршиме е конзервацијата на владетелската палата во Билазора во Свети Николе. Минатата година работевме на конзервација на овој локалитет, а годинава ни остана да го дореализираме- изјави Митко Штерјов, директор на Завод и музеј-Штип.

Ќе се конзервира и јужниот бедем на археолошкиот локалитет Баргала, каде во рамки на проект на Источниот плански регион ќе се ќе се изврши и мапирање и постави осветлување, за да биде достапен за посетителите и во вечерните часови. Од доменот на музеологијата, во уметничката галерија „Безистен“ ќе се организираат изложби на слики кои во моментот се чуваат во музејското депо, но и ќе се чисти споменикот на револуцијата на Исарот, кој со години се префарбува и уништува.

  • Министерството со околу 350 000 денари ќе финансира средување, односно чистење на споменикот- додаде Штерјов

Средства во висина од 100 000 евра за реставрација и конзервација на саат кулата и оваа година не се одобрени, но со подготвениот проект Музејот ќе аплицира до други финансиски институции.