Македонија
1. March 2023 - 12:34

За поголема урбана безбедност неопходна е и поголема регионална соработка, сметаат експертите

За поголема урбана безбедност неопходна е и поголема регионална соработка, сметаат експертите од оваа област. Според нив, справувањето со меѓународните безбедносни предизвици во време на воената агресија во Европа  во голем дел зависат и од меѓусебната соработка помеѓу земјите во регионот.  Потврда за тоа биле мигрантската, економската и здравствената криза кои покажале дека ниту една земја не е во можност сама да се избори со проблемите.

„Без регионален пристап, без вклучување на сите земји кои се засегнати, поготово од Западен Балкан мислам дека ниту еден отворен и билатерален проблем не може да се реши. Ние не сме атомизирани, ние не можеме поединечно да ги решаваме нашите проблеми и мислам дека сите кризи во изминатите десет години, вклучувајќи ја мигрантската криза, економската, пандемијата покажаа дека државите сами не можат да се изборат со проблемите и единствено чувството на солидарност и разбирање и надминување на безбедносните ризици може да доведе до некој резултат и сите граѓани во овој регион да живеат подобро„,  вели Стефан Сурлиќ, доцент на Факултетот за политички науки во Белград.

Освен јакнењето на регионалната соработка, за експертите неопходено е да се направи и еден сеопфатен пристап во делот на јакнење на капацитети, не само на централно, туку и на локално ниво.

Меѓународните безбедносни предизвици се тема и на регионалната школа за безбедност што се одржува во Струмица, а на која учествуваат професори и студенти Македонија, Бугарија, Србија и  Хрватска. Школата е во организација на Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет Скопје при Универзитетот Св.Кирил и Методиј, Фондацијата Конрад Аденауер од Германија и Вилфред Мартенс Центарот за европски студии од Брисел.