Македонија
19. May 2023 - 12:25

Поскапувањето на паркинг услугите во Штип ги скара советниците од власта и опозицијата

Поскапувањето на паркинг услугата во т.н. хуманитарна зона, ги скара штипските советници од власта и опозицијата. 

Конкретно се работи за 131 паркинг место во централното градско подрачје, во главно концентирани на платформите на река Отиња и улицата пред општинската зграда, каде граѓаните наместо 20 денари, ќе плаќаат 30 денари за првиот и секој нареден час. За опозициските советници ова е покачување од 50% на паркинг местата. 

Мораме да признаеме и јавно да обзнаниме и објавиме дека со следната одлука за измена на ценовникот ние го поскапуваме паркингот, изјави Трајче Стојчевски, советник од СДСМ.

Планирано е 20% од собраните средства да се донираат во хуманитарни цели.

Граѓаните имаат свои форми со кои тие сакаат да донираат и кога сакаат да донираат. Меѓутоа, ова не е доброволно, туку е присилно, изјави Маријана Рогожарска-Поповска, координатор на СГ на СДСМ и Коалицијата. 

Советниците од ВМРО ДПМНЕ одлуката ја правдаат со фактот дека многумина граѓани извадиле месечни и годишни налепници, а во паркинг хуманитарната зона ќе им бидат неважечки.

„Знаете што прават граѓаните со промена на адреси, знаете колку има издадено или треба да знаете и знаете дека токму од тие причини, граѓаните со годишните карти се паркираат токму на тие позиции во централното градско подрачје“, изјави Душко Иванов, координатор на СГ на ВМРО-ДПМНЕ.

Опозициските советници сметаат дека на овој начин наместо да се регулира, само повеќе ќе се зголеми сообраќајниот хаос во центарот на градот.