Македонија
23. May 2023 - 12:23

Десетина лица годишно се губат на Плачковица и Осогово

Од 10 до 15 лица годишно се губат на Плачковица и Осогово, а потоа по нив интензивно се трага, тврдат планинарите кои често пати учествуваат во акциите за спасување. Иако овие две планини на Истокот се доста питоми, дури и искусните познавачи на теренот можат да заталкаат и да изгубат ориентација. 

- Секогаш луѓето пред да заминат во планина мора да имаат предвид дали се психофизички спремни за она што сакаат да го направат. Таа физичка спремност не значи дали можат да се искачат до врвот или до одредена дестинација, туку дали можат и да се вратат. Доколку се со мотоцикли или возила, треба да бидат со лица кои имаат искуство во движење во планински услови, изјави Мартин Каровски, планинар.

Таков е и последниот случај од пред два дена кога тројца млади мотоциклисти останаа заглавени во кал на Плачковица, на, за нив, непозната локација и без сигнал на мобилните телефони.

- Последните три недели имавме континуирана циклонска активност, односно, 24 часовни врнежи од дожд. Тоа значи дека имаме презаситеност на почвата со вода, особено оние некатегоризирани патишта по кои се движат возила и мотоцикли, додаде Каровски.

Ноќта ја поминале во планина на ниски температури. После интензивна потрага од ЦУК и планинарите, за среќа момчињата се најдени вчера наутро и вратени кајсемејствата. Сите тројца се во добра здравствена состојба.