5 милиони евра се потребни за реконструкција на водоводната канализациска мрежа во Штип
Над 5 милиони евра се потребни за реконструкција на дотрајаната примарна и секундарната водоводна и канализациска мрежа во Штип. Овие средства општината ги нема, но како извор на финансии локалната самоуправа бараше да се пренаменат парите од самопридонесот, кои веќе повеќе од две децении стојат на трезорска сметка. Сепак, за да се реализира оваа идеја, треба граѓаните да се изјаснат на референдум. Во текот на летниот период, поради зголемената потрошувачка и високиот притисок има чести дефекти на главната водоводна линија, поради што цели неселби остануваат без вода за пиење. Првиот човек на општината вели дека мора да се фатат во коштец за решавање на овој проблем, но годинава за оваа намена ќе се издвојат само 20 милиони денари или 6,5 % од вкупно потребните средства.
- Очекувам, на овој начин, етапно од година во година да ги решаваме долгогодишните проблеми со кои се соочуваат граѓаните и на тој начин да допринесеме да ја колку толку обновиме подземната инфраструктура и инсталација која што е повече од 50 години стара, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.
Општината се уште ги чека и парите во висина од 1,2 милиони евра, кои ТАВ се обврза да ги плати откако се откажа од идејата за изградба на карго аеродром во близина на с. Сушево во Овче Поле. Тоа се средства кои треба да се искористат за изградба на водоводна линија 2, со која се решава проблемот со водоснабдувањето во приградските населби и новата индустриска зона „Плуждино“.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар