Македонија
11. јуни 2023 - 16:32

Нивото на водата во браната Калиманци на 5 сантиметри од прелевање

Силното невреме и поплавите што изминатите 2 денови предизвикаа значителна материјална штета во Делчево, во опасност ја доведоа и браната „Калиманци“. Надојдените води ја преполнија вештачката акумулација, а нивото на водното огледало се искачи на 5 см до прелевање. За среќа, врнежите престанаа и дотокот опадна.

-Некаде околу 20 см сме под преливот и паѓа уште дотокот на вода. Денес околу 14.00 часот повторно ќе имаме мерење, меѓутоа опаѓа дотокот и повеќе испуштаме откоку што се полни акумулацијата. Така што, не постои опасност, моментално, ептен ако некои екстремни врнежи се случат, но тоа не можеме да го предвидиме, изјави Благојчо Богатинов, директор на Водостопанство „Брегалница“.

Водата се испушта преку хидроцентралата, што значи дека е зголемено производството на електрична енергија. Низводно од браната, како превентива од можни поплави се чисти коритото на р. Брегалница и другите помали реки и канали.

-Ние со наша механизација реагираме каде што има потреба и до сега ја држиме состојбата под контрола и мислам дека нема да има проблеми, додаде Богатинов.

Во браната „Калиманци“ во моментот има 115 милиони кубни метри вода. Наводнителната сезона за оваа година е сигурна, а Богатинов смета дека половина од акумулираните колични ќе останат и за догодина.