Македонија
13. јуни 2023 - 16:33

Еден милион евра ќе бидат потребни за реконструкција на улиците во Делчево

За санација и реконструкција на улиците во Делчево кои беа оштетени од невремото, според првичните проценки ќе бидат потребни околу 1 милион евра. Дополнително ќе се проценува штетата на мостот на река Брегалница и за атмосферската канализација, како и за регулација на 13 водотеци низ градот. До Комисијата за проценка на штети, доставени се 28 пријави од граѓани кои претрпеле материјални штети во своите домови. 

- Комисијата која што е формирана од Советот е на терен и ги прави записниците за да потоа сите вкупно во еден елаборат се испратат до Влада, за да бидат граѓаните обештетени, изјави Горан Трајковски, градоначалник на Делчево.

Само во петокот во Делчево за час и половина наврнаа 65 литри на метар квадратен. По поплавите се појави и свлечиште кое претаставува опасност за околните куќи.

- Има одреден ризик да не се случи поголемо свлечиште, каде што наша екипа од Секторот за урбанизам излезе на увид за да ја согледа состојбата. Исто и тоа е нотирано во извештајот, а и ние како локална самоуправа и јавно комунално претпријатие во рамки на можностите правиме план за да можеме да ги заштитиме најкритичните точки, додаде Трајковски.

Поплавите направија и штети на магистралниот пат Делчево-Македонска Каменица кои се санирани, а патот е пуштен за сообраќај.