Македонија
20. јуни 2023 - 12:27

Истокот се соочува со недостаток на старечки домови

Единствениот дом за стари лица во источниот регион ќе го зголеми капацитетот од 39 на 67 корисници. Средствата за реконструкција и адаптација на старскиот дом во Берово се обезбедени преку Министерството за труд и социјална политика.

-Инвестицијата е во вредност од над 11 милиони денари, со што ќе се зголеми капацитетот за 14 соби, односно, за 28 лица- изјави ЈОВАНА ТРЕНЧЕВСКА, МИНИСТЕРКА ЗА ТРУД И СОЦИЈАЛНА ПОЛИТИКА

Од друга страна, повеќе од осум години проектот за изградба на дом за стари лица во Кочани стои на маса, додека во Штип, петта година по ред изградбата е стопирана, а објектот остана во фаза на карабина. Граѓаните велат дека вакви сместувачки капацитети се неопходна потреба, посебно во време кога младите рапидно се иселуваат, а родителите нема кој да ги чува.

-Во Штип нема, започна, а до каде е стасано никој ништо не кажува, ниту пак знаеме.

-Дом за стари лица обавезно треба и тој таму што се прави треба да се заврши, да го направат.

-Да се направи, зашто многу пензионери се жалат, анкета штипјани.

Локалната самоуправа нема ингеренции, зашто е утврдено дека се работи за дивоградба, а се чека на донесување на Закон за легализација на бесправно изградени објекти, кој подолг период е во собраниска процедура. 

-Со оглед на тоа што на оваа локација се инвестирани неколку стотици илјади евра, објектот е веќе изграден, неодговорно би било од наша страна да инвестираме на друга локација, во друг објект, кога веќе се потрошени пари од граѓаните, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Од Здружението на пензионери информираат дека по однос на ова прашање разговарале со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

-Истиот, ни вети дека во најкраток можен рок ќе го постави ова прашање на владина седница и благовремено ќе не извести, со што ќе може да продолжат активностите околу изградбата на домот за стари лица, изјави Ристе Нетков, претседател на здружение на пензионери - Штип.

Нетков додаде дека, интерес за сместување освен од Штип, пројавиле и пензионери од остантите општини во источниот регион.