Македонија
21. јуни 2023 - 12:47

Штипските основци идната учебна година на училиште ќе одат во униформи

Од септември учениците од штипските основни училишта настава ќе посетуваат во униформи. За почеток униформирани на училиште ќе одат учениците од прво до петто одделение. 

- Секако дека примерот од минатото кога се носеа униформи во основните училишта, беше тоа добра практика, добар пример на унифицираност и препознавање на учениците и една поубава слика во делот на образование што општина Штип сака да ја даде- изјави Соња Николова, советник за основно образование - ЛС –Штип. 

Списоците за бројот на ученици се доставени до одделението за образование при локалната самоуправа. Дополнително ќе им бидат доставени податоците за бројот на првооделенчиња кои ќе се запишат во учебната 2023/2024-та година. 

Располагаме со статистички податоци, од прилика околу 2 200 униформи се планирани да бидат обезбедени за учениците од прво до петто одделение- изјави Николова.

Веќе се работи на избор на моделот и дезенот на униформите.

Во соработка со Унивезритетот „Гоце Делчев“ од Штип и СОУ „Димитар Мирасчиев“, значи стручни кадри, се изработуваат модели коишто ќе бидат соодветни за учениците од прво до петто одделение, односно за униформите коишто ќе бидат наменети за таа возраст - додаде Николова.

Од следната учебна година општината ќе доделува и стипендии за учениците и наградни ваучери за првенците на генерацијата.