Новата директорка на кочанската болница ветува повисоки стандарди
Транспарентност во работењето и подобрување на условите за пациентите во кочанската болница, најавува новата ВД директорка, Душанка Георгиева Трпевски. Негативните коментари за работата на болницата ќе бидат минато.
- Ќе се залагам максимално да се подобрат условите. Се што е било пред мене, за возила, за некои негативни коментари ќе ги оставиме во позадина. Работи нов тим, со докторите веќе сум во комуникација и сигурна сум дека сите недостатоци ќе ги отстраниме, изјави Душанка Георгиева-Трпевски, в-д директорка на ЈЗУ Општа Болница-Кочани.
Болницата располага со квалитетен кадар, а добар дел се на специјализација во Скопје, но потребен е и солиден менаџмент, потенцира Георгиева Трпевски.
- Во моментот во Општа болница – Кочани на брзата помош работат 10 доктори, имаме доктори на вакцини, на систематски. Имаме рендгенолог, докторка специјализант која што ќе се врати за кратко време, хирурзи, анестезиолози, ортопед и докторка која специјализира ортопедија и која треба и таа да се врати. Генерално можам да кажам дека ќе одиме кон нагорна линија- додаде Георгиева Трпевски.
Како долгогодишен лекар во болницата, запознаена е со актуелната состојба, односно и со негативностите и предностите.
- Првенствено целта ми е пациентите да добијат поквалитетн третман. Планирам низа проекти за унапредување на нашата институција- изјави Георгиева Трпевски.
Промената на раководството на болницата е по решение на министерот за здравство.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар