Македонија
22. August 2023 - 16:32

ВМРО-ДПМНЕ ќе бара одговорност од Џафери - СДСМ не се откажува од европската агенда

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека собранискиот спикер не смеел да ја прекине седницата за уставни измени. Од партијата велат, Џафери беше обврзан да побара и гласање.. Неговиот начин на толкување на законите е разбирлив само за него, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Нормативите се јасни, Џафери не можел да применува членови од деловникот кои се однесуваат на измена на закон кога станува збор за измена на устав. Џафери не смеел да ја прекине седницата и морал да ги стави на гласање уставните измени. Талат Џафери мандатот го започна со кршење на уставот исто така и го завршува со кршење на деловникот, а за тоа, одговорност ќе има“, вели Марија Митева, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија обвинија дека власта продолжува со лагите и се уште тврди дека ќе обезбеди 80 пратеници. По одржување на седницата за уставни измени, според ВМРО-ДПМНЕ, мнозинството е делегитимирано. Од СДСМ пак велат не се откажуваат од европската агенда.. Ќе обезбеделе членство во ЕУ и покрај како што велат, блокадата на опозицијата.

„ДПМНЕ е антиевропска партија а Христијан Мицкоски антиевропски политичар, исто како што беа против членството во НАТО, работат против членството во ЕУ.
Наивно е да се верува дека причина за тоа е нечиј партиски или личен рејтинг. Станува збор за јасно изразена антиевропска, антизападна политика и политичка агенда“, вели Дарко Каевски, Портпарол на СДСМ.

За Градоначалникот на Гостивар и лидер на Алијанса за албанците, неизгласувањето на уставните измени ќе ја отвори пандорината кутија. Според Таравари можно е да има проблеми кои досега тлееле и не се кажани. Тој тврди дека во опозициската ВМРО-ДПМНЕ има членови за кои се прифатливи уставните измени, но не знае дали има и пратеници кои би ги поддржале.