Градоначалниците од истокот на државата најавуваат протести ако не добијат дозволи од МТСП за вработувања во градинките
Предшколските установи од истокот на државата се соочуваат со сериозен проблем од недостаток на кадар. Само една штипска градинка за 2 години изгубила 15 вработени, негуватели, воспитувачи и технички персонал, по основ на пензионирање или личен отказ. Затворени се 4 групи, а примени се 200 дечиња помалку од капацитетот на установата. Со проблемот се запознаени во ресорното министерство.
- Во сите градинки во општините, каде што градоначалници и директори се луѓе функционери од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Министерството за труд и социјална политика две години не ја почитува законската обврска да даде согласност за пополнување на веќе испразнетите 100-тици места за негуватели и воспитувачи. Станува збор за загрозување на воспитно-згрижувачкиот процес во градинките- изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.
Градоначалниците на Свети Николе, Карбинци и Зрновци, проблемот привремено го решаваат со ангажирање на работници за општо корисна работа, но потребни им се лица со лиценца и директори со положен менаџерски испит.
- Ги ангажираме со некаков договор, но тие негувателки не се осигурани, туку само имаат договор преку Агенција за вработување, општината и УНДП, за мизерни 12.000 денари- изјави Дејан Владев, градоначалник на Свети Николе.
Доколку и понатаму продолжи игнорантскиот и селективен однос на Министерството, првите луѓе на општините најавија дека ќе организираат протести заедно со родителите и вработените.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар