Почна жетвата на оризот во кочанско, барем на нивите каде наводнувањето беше пуштено на време
Започна жетвата на оризот во општина Зрновци. Според првиот човек на водостопанство „Брегалница“, годинава жетвата порани, зашто беше навремено пуштена водата за наводнување на 10 април.
- За разлика од минатата година, за 15-20 дена порано е почната жетвата. Обично се почнуваше при крајот на месец септември- изјави Благојчо Богатинов,директор на водостопанство „Брегалница“.
Дел од оризопроизводителите со протести бараа да им се продолжи наводнителната сезона, зашто во одредени атари сеидбата доцнеше и беше скратен периодот на вегетација. Сметаат дека тоа во голема мера ќе влијае и на квантитетот и на квалитетот на годинашниот род.
- Дури се сееше ориз и на 12 и на 15 јуни, а летото веќе помина. Е сега, тој ориз колку ќе го биде, тоа не се знае- изјави Петре Димитров, оризопроизводител од Чешиново.
Покачувањето на цените на репроматеријалите и нафтата во голема мера ќе влијае врз идното производство. Производната и откупната цена на килограм арпа во моментот се изедначени.
- Во последно време од земјоделие тешко се живее. Посебно, ако се работи со живо и ориз. Уште оваа година ако нема цена како што треба да биде, да бидат задоволни, многу ќе се откажат од земјоделието, изјави Тошо Данилов, оризопроизводител од Чифлик.
Килограм бел ориз на пазарите се продава по цена од 80 до 100 денари.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар