1500 бруцоши на штипскиот универзитет - запишани студенти и од Турција, Германија, Шведска и САД
Со „Бруцошка на УГД“, започна новата академска година за 1.500 бруцоши на 12 факултети и 3 академии, на штипскиот универзитет. Бројот на запишани домашни студенти се стабилизира последните 3 до 4 години, а константна е и бројката на странски студенти која се движи околу 200.
- Доминантен број се уште се студентите од Турција, но таа состојба полека се менува и имаме студентите и од западните држави на Европа, како Германија, Шведска, а имаме дури и студенти од САД, изјави Дејан Марковски, ректор на УГД-Штип.
Во однос на финансиските трошоци, ослободени од партиципација се талентираните студенти, студентите од ранливите категории и за првпат бесплатно 4 годишно студирање имаат идните филолози-македонисти.
- Тоа за нас претставува дополнителна мотивација за да студираме на УГД, да се изградиме како идни професори кои ќе го чуваат и негуваат македонскиот јазик и ќе го пренесуваат на идните генерации, вели Величе Илиева, бруцош на Филолошки факултет, катедра за македонски јазик и книжевност УГД – Штип.
Универзитетот освен формално образование, во голема мера вклучува и неформални активности и практична настава.
- УГД нуди современи студиски и наставни програми, преку кои ги подготвува своите студенти да станат високо квалификувани кадри, коишто на пазарот на трудот нема само да понудат теоретско знаење, туку и врвни практични вештини и во контекст на тоа би кажал дека доказ за тоа се нашите домашни студенти, но и странските студенти кои добиваат меѓународно признати дипломи, односно дипломи коишто без никаков проблем ги нострифицираат во државите од коишто потекнуваат, изјави Дино Карпичаров, асистент на Факултет за медицински науки, УГД - Штип.
Карпичаров додаде дека преку Еразмус + програмата за мобилност и можноста за самостојно истражување на студентите на катедрите и институтите, како и посветеноста на наставничкиот и советничкиот кадар, УГД полека, но сигурно, станува стожер на македонското високо образование.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар