Македонија
18. October 2023 - 16:53

Ниту брзо, ниту лесно ќе оди намалувањето на функционерските плати

Намалувањето на функционерските плати нема да оди брзо и лесно. Откако половина година функционерите земаат екстремно високи плати зголемени за 78%, Владата сега се сети за корекција, па дури и побара време, од недела или две за министрите да смислат како ќе ги скратат своите и платите на уште илјада други функционери.

Ковачевски не кажа по кои нови коефициенти ќе се пресметуваат платите оти за различни функции има различни бројки, а решението треба да се усогласи со повеќе страни.

„Зборуваме за плати коишто се однесуваат не само на 21 член на Владата, туку се однесуваат на 120 пратеници, на 80 градоначалници, на скоро 600 судии, 300 обвинители и така натаму. Не дефинираат плата само на 20 министри кои ќе донесат одлука и потоа ќе отиде решението кое не е усогласено со никого, ќе влезе во собраниска процедура“ – Димитар Ковачевски, премиер

Ковачевски потсети дека Уставниот суд пред три години ја укина уредбата на Владата со која сите функционери требаше да земаат минимална плата два месеца поради корона-кризата, а сега го поништи и 12-годишното замрзнување на платите. Токму затоа, сега не требало брзање за да не падне и оваа одлука. 

„Во рамки на Владата беше формирана работна група која е составена од министри, од областа на трудот и социјалата, од економските ресори, кои ќе треба да изработат решение кое ќе биде одржливо и нема пак да биде предмет на поништување од уставниот суд“ – Димитар Ковачевски, премиер

Министерот за надворешни од редовите на ДУИ, пак, тврди дека не сака да е популист на оваа тема, ама важно му е колкава плата ќе зема оти живее од неа.

78-процентното покачување ги извади на улица синдикатите, здравствените работници, судската администрација, пензионерите... Тие со месеци протестираат за зголемување на нивните примања, а планот за корекција на функционерските плати доаѓа половина година пред одржување на редовните претседателски избори.