Македонија
20. October 2023 - 19:58

Денес и утре ќе се одржи фестивалот „Макфест“

Денес и утре „градот под Исарот“ ќе пулсира во ритамот на 38-то издание на најпопуларниот фестивал за забавни мелодии „Макфест“. Ќе има две фестивалски вечери во салата на Домот на културата „Ацо Шопов“, на кои ќе настапат 26 изведувачи со исто толку ново компонирани песни.

- Првата вечер ќе се изведат 13 композиции, а од нив 5 ќе имаат можност да настапат на втората фестивалска вечер, на која ќе бидат презентирани 18 песни. Петте песни кои ќе настапт на втората вечер ќе бидат одбрани по пат на гласање на присутната публика и од гласовите на стручното жири кое ќе брои 7 члена- изјави Александар Арсовски, Продуцент на „Макфест“

Втора година по ред покровител на фестивалот е општина Штип, од причина што Министерството за култура додели само 300 000 денари, што локалната самоуправа ги одби.

- Имајќи во предвид дека за други настани поврзани со културата се издвојуваат милионски суми, а кога го имаме во предвид македонскиот бренд „Макфест“ сметам дека е пониѓувачка таквата сума и оваа година ги обивме овие средства. Вкупниот буџет со кој располагаме и го користиме за организација на овогодишниот „Макфест“ изнесува околу 6 милиони денари- изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип

Јорданов додаде дека општината нема да дозволи фестивалот да згасне, туку напротив, ќе биде амбасадор и презентер на македонската забавна музика и надвор од границите на нашата земја.