Новиот закон за плати е закочен речиси цела година, не се знае кога ќе биде готов бидејќи бил многу голем
Државата скоро цела година не може да напише закон за плати во администрацијата. Според најавите на власта, овој закон хиерархиски ќе ги подели вработените од највисоко до најниско ниво, а на врвот треба да биде платата на шефот на државата.
Собранието ќе утврдува бодови за над 130 илјади вработени во јавниот сектор во зависност од работното место. Законот е поставен на ЕНЕР од декември лани, по што следеа жестоки критики од сите синдикати кои обвинија дека е неуставен. Владата вети дека ќе го доработи, но и по цели 10 месеци е закочен во работна група. Причина за тоа било сложеноста, вели министерот за информатичко општество.
„Тоа е голем закон. Предизвиците во таквите закони се големи. Не само кај нас, туку и во многу развиени земји како Франција и Англија. Тие цело време работат и ги подобруваат тие системи. Драфт-верзијата веќе ја пратив во работната група. Ние сме 5 колеги во Владата каде што работиме во моментов да најдеме решение за оптимизација на пристапот кон креирање на плати во државата. Но, се уште не можам да кажам дека имаме варијанта којашто може да биде отворена за дебата бидејќи е се уште многу драфт варијанта“ – Азир Алиу, министер за информатичко општество
Бидејќи не се знае кога ќе биде готов овој закон, владата реши да формира тим кој ќе смисли како ќе ги намали само платите на функционерите, кои преку ноќ, со одлука на Уставен скокнаа за 78%. Оваа работна група треба да достави свои предлози веќе во вторник.
Вакво брзо темпо на работа, пак, нема работната група за пензионерите. Формирана беше во август и досега нема излезено со никаков предлог за подобрување на нивниот стандард. Тамошните членови треба да скројат закон за минимална пензија, но имаат рок до Нова година. Најавена е помош само за најсиромашните пензионери, како дел од новиот пакет антикризни мерки.
„Алтернатива“ предлага ваучери и за пензионерите и за социјално ранливите групи.
„Наша проценка е дека минималната пензија не треба да биде помала од 18.000 денари (300 евра), што е 80% од минималната плата во земјата и ова зголемување треба да биде линеарно и кај просечната инвалидска пензија и кај повисоките пензии. Ако сакаат решенија за благосостојба на граѓаните, секогаш има алтернатива“.
Надлежните кои ја трошат шестата плата повисока за 78% најавија дека пакетот помош за граѓаните ќе биде објавен следниот месец и не кажаа за какви мерки станува збор, ниту пак кои категории ќе бидат опфатени.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
