Loading Video...
Свет
22. October 2023 - 16:37

Во Газа се шират сипаници, шуга и дијареа, Израел ги засилува нападите

Бројот на загинати во Газа од почетокот на конфликтот меѓу Хамас и Израел се искачи на 4.651, а повеќе од 14.000 луѓе се повредени, соопшти палестинскиот министер за здравство.

Во изминатите 24 часа животот го загубиле 266 лица, од кои 117 се деца. Се верува дека под урнатините се наоѓаат уште илјадници лица.

Стотици преживеани утринава со часови чекаа пред пекара за купат леб.  Жителите велат дека им снемува храна, вода и основни лекови.

„Ако продолжи оваа ситуација, целото население нема да најде храна или пијалок, нема да најдеме леб или брашно, воопшто ништо. Ситуацијата се влошува. Треба да најдеме решение. Не е фер, условите на некои луѓе се толку лоши, некои луѓе се раселени и не можат да јадат или пијат“ – жител на Газа

Еден леб треба да го јадат четири семејства, а нема ниту доволно вода, вели жител на Газа.

„Се будиме во зори и шетаме по улиците барајќи вода, само за да наполниме две шишиња. Ситуацијата е трагична. Бараме од сите земји и народи да не гледаат со малку хуманост. Децата во Газа умираат поради воздушни напади, има бебиња кои умираат од глад. Нема што да ги одржува да продолжат да живеат“ - жител на Газа

Вториот конвој хуманитарна помош, со 17 камиони, пристигна на египетската страна на граничниот премин Рафа, а Обединетите нации соопштија дека поради ужасните санитарни услови се шират сипаници, шуга и дијареа.

Во текот на ноќта, пак, Израел нападна комплекс под џамијата Ал-Ансар во бегалскиот камп Џенин за кој рече дека им припаѓа на оперативците на Хамас и палестинскиот исламски џихад. Војската објави снимки за кои рече дека покажуваат влез во бункер под џамијата. Исто така, објави и дијаграм за кој се вели дека покажува оти таму милитантите складирале оружје. Палестинските власти соопштија дека најмалку едно лице е убиено.

„Повеќето луѓе спиеја, а некои беа будни кога видовме светлина и слушнавме силна експлозија. Побрзавме на местото каде што видовме убиени и повредени и ги префрливме во болница, фала богу. Ова е она што се случи“ – Џенин Али Алдамаг, жител на бегалскиот камп

Во меѓувреме, Израел потврди дека 212 лица се држат како заложници во Газа. Израелската армија ги повика жителите на Појасот Газа да се преселат на југ, за Хамас да не ги користи како „човечки штит“.

Пораката е испратена во летоци означени со името и логото на израелските одбранбени сили, а е испратена и преку аудио пораки преку мобилни телефони низ појасот Газа.

„Вечерва ги засиливме нашите напади. Како резултат на засилените напади и точните информации што ги имаме, десетици терористи беа убиени во градот Газа и неговата околина. Покрај тоа, загина и заменик-шефот на ракетните сили на Хамас. Сето ова активноста продолжува да биде наш фокус - убивањето терористи, постарите лица како врвен приоритет, следејќи го секој кој учествувал во страшниот масакр пред две недели, кој е главен приоритет за убивање“ – Даниел Хагари, претставник на Израелската армија

Папата Франциск порача дека војната е пораз и уништување на човечкото братство. 

„Уште еднаш моите мисли одат на она што се случува во Израел и Палестина. Многу сум загрижен и тажен. Се молам и блиску сум до сите оние кои страдаат, заложниците, повредените, жртвите и нивните семејства. Мислам на тешката хуманитарна ситуација во Газа и тажен сум што последниве денови беа погодени и англиканската болница и грчко-православната парохија. Го обновувам мојот апел да се отворат простори, хуманитарната помош да продолжи да пристигнува и заложниците да се ослободат“ – папата Франциск

Борбите започнаа на 7 октомври.