Еко активисти на протест против изградба на мини хидроцентрала на Мала Река
Граѓани и еко активисти од Кочани излегоа на протест против изградбата на мини хидроцентралата на Мала Река и против користењето на локалниот патен правец до браната Гратче. Со транспаренти и делумна блокада на патот тие го изразија револтот што со градежните работи за хидроенергетскиот објект ќе се наруши биодиверзитетот во неговата околина, а од тешките товарни возила ќе се уништи асфалтниот коловоз до рекреативното подрачје во близина на градот.
- Издадена е дозвола за користење на патот што е наменет за лесни возила со тежина под пет тони, а веќе три месеци овде се движат возила со тешка машинерија за изградба на хидроцентралата. Неколкупати го баравме записникот од јавната расправа, што никаде го нема. Од Општината добивме одговор дека тој, всушност, ни не постои. Поднесовме и пријава до Основното јавно обвинителство за ова, но таа беше одбиена, изјави Ана Симонова, еко активистка од Кочани.
Прашуваат како е издадена дозвола за градба на објект на локација што се наоѓа во заштитено подрачје, на ерозивно земјиште со свлечишта, што ќе предизвика еколошка катастрофа. За еко активистите мини хидроцентралите не може да се класифицираат во обновливи извори на енергија.
- Тие не се обновливи извори на енергија, бидејќи таа природа се нарушува и никогаш повеќе нема да се врати како што била претходно. Значи се субвензионираат, субвенциите ги плаќаме ние, меѓутоа тие воопшто не го оправдуваат тоа што ние самите го субвенционираме- изјави Дејан Димитровски, еко активист од Гази Баба
Протестите и блокирањето на патниот правец ќе продолжат и во наредните денови, сè додека не се стави забрана за користење на асфалтниот коловоз и додека повторно не се разгледа целокупната документација за изградба на минихидроцентралата.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар