Македонија
28. October 2023 - 16:35

Штипски семејства мета на крадци - живеат како во кафези

Околу 200 штипски семејства од улицата Солунска буквално живеат во железни кафези. Челичните огради, бодликавите жици, алармните уреди, кучињата и безбедносни камери не се доволни да ги запрат крадците кои со години наназад им ги пљачкосуваат имотите и куќите.

- Нема куќа која не е ограбена, нема двој каде не е обиена влезната врата или порта. Не се чувствуваме безбедни, крадците, разбојниците се најчесто во алкохолизирана состојба или под дејство на наркотици и без размислување прават се и сешто, изјави Боби Митрев, жител на ул. Солунска, Штип.

- Најубаво е секој граѓанин да се чувствув слободно, да може да си ја отвори портата, а не вака да се заградуваме и заклучуваме, изјави жителка на ул. Солунска, Штип.

Најчеста мета на крадците се куќите каде живеат постари лица, а се краде се што ќе им дојде под рака, во секое време од денот.

- 1500 евра пари ми украдоа, ласовници 5 -6 што отидов во пензија, листо нови, на жена ми златото и го украдоа целото, изјави Коце Трајчев.

- Повеќе пати сум ограбуван, плус вратата ми ја украдоа, денски,после ручек, околу 5 часот, дошол, ја извадил и ја однел, изјави Драги Павловски, жител на ул. Солунска, Штип.

- Шеесет литри ракија ми украдоа. На камерата од комшијата се гледа кој ја украл, пријавивме, но џабе, тоа им било гласачко тело, така ми рекоа во полиција кога давав исказ, изјави Трајче Наумов, жител на ул. Солунска, Штип.

Граѓаните бараат полицијата да постави 24 часовен пункт за да им се гарантира безбедноста, а денеска побараа помош и од градоначалникот.

- Сакам да апелирам до СВР Штип, до началникот, да излезат на терен и да поразговараат со овие луѓе за нивните секојдневни проблеми, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Од СВР Штип преку соопштение информираат дека секојдневно вршат анализа на пријавените кривични дела, по што следува мапирање на безбедносно интересните локации, врз основа на што ги рапоредуваат своите ресурси.