Македонија
4. November 2023 - 16:32

Државата не знае чиј е плацот во Орман каде е фрлан отровен отпад, задутре ќе биде готов лабароторискиот извештај

Половина месец државата не може да испита колку е штетен отпадот од стопените акумулаторски батерии во Орман и да открие чиј е плацот каде што бил фрлан. Се знае само дека сторителот нема да работи некое време и ќе одговара парично и кривично.

„Правниот субјект ќе добие забрана за работа за новата постројка во рок од 90 дена кој е максимален рок согласно законската регулатива, односно до отстранување на недостатоците“, велат од државниот инспекторат за животна средина.

Лабораториските анализи за оловната згура се уште не се готови. Иако беше најавено дека ќе се објават пред 5 дена, сега има нов рок. Испитувањата ќе завршеле во понеделник.

„Утврдивме дека таму има незаконски дејствија. Носена е згура од Пропиштип во Скопје. Оној којшто го направил прекршокот прво ќе си го санира прекршокот, па ќе си го плати. Нема да дозволиме во иднина повторно да се случува истата активност. Точно знаеме какви активности имало, само чекаме да видиме за каков тип на отпад станува збор“ – Каја Шукова, министерка за животна средина

Државните инспектори не знаат ниту чиј е имотот од каде што ќе треба да се отстрани ѓубрето. Се уште нема ни решение за дислокација од Ѓорче Петров до кругот на операторот во Чучер Сандево.

„Градот ја води постапката, не државата, бидејќи е локална надлежност. Слушнавме дека станува збор за приватен плац. Дали станува збор за лице или фирма, тоа во моментов не можам да ви кажам бидејќи не беше на увид државниот инспекторат, беше локалниот“ – Каја Шукова, министерка за животна средина

Фирмата со месеци трупала опасен отпад кој се проценува дека тежи и до 600 тони. Станува збор за преработка на тешки метали кои можат сериозно да ја загадат почвата и водата и преку нив да стигнат до овошјето и зеленчукот. Ако се внесат во организмот, според лекарите, ќе настанат сериозни пореметувања на буберзите и нервниот систем