Македонија
10. November 2023 - 16:33

Анализа: Зошто проектот БРТ 2 години беше закочен и дали Скопје догодина ќе добие бесплатен јавен превоз?

Плановите за ефикасен и брз јавен превоз во Скопје растеа паралелно со бројот на жители во метрополата.

Најголемиот проект за брз транспорт на патници е финанисиран од европската банка за обнова и развој. Промовиран и почнат беше во мандатот на екс градоначалникот Шилегов.

Со 70 милиони евра, беше речено дека Скопје прв на Балканот ќе добие автобуско метро. Проектот опфаќа две линии. Првата од Ѓорче Петров до Ново лисиче. Втората ќе се протега на линијата од Бутел до Кисела Вода. Вкупната должина на двете траси е околу 23 километри. Предвидено е да превезуваат над 100 илјади патници дневно а патувањето да не трае повеќе од половина час.

Трасите предвидени за автобусите се одвоени од останатите ленти за возила што практично значи дека сообраќајниот метеж нема да влијае на брзината и точноста на автобусите.

„Ако живеете во Аеродром се качувате, патувањето ќе ви трае 7 и пол до 8 минути до Центар. Во Центар се симнувате. Ако го пропуштите во Аеродром тоа возило, следните три минути ќе ви дојде друго. И колку да делува тоа апстрактно бидејќи скопјани тоа не го доживуваат, тоа е функционално.“ – Петре Шилегов, екс градоначалник на Скопје

Проектот по доаѓањето на Арсовска беше стопиран. Најпрво рече дека нема да го прави, потоа најави референдум, па се премисли и продолжи да преговара со ЕБОР бидејќи констатирале пречки за реализација.

„Луѓе коишто немаат доволно познавања го судеа тој проект. Замислете, добро е за во Истанбул, не е добро за Скопје. Добро е за во Сан Франциско, не е добро за Скопје. Добро е за во Бриж во Франција, не е добро за во Скопје.“ – Петре Шилегов, екс градоначалник на Скопје

Вчера преку соопштение од градот информираа дека пречките се отстранети и најавија дека Скопје сепак ќе добие брз автобуски превоз, но не објаснија што досега го кочело проектот. Во известувањето ја испратија истата фотографија од планот објавен уште пред две и пол години кога и беше промовиран БРТ проектот. 

„За жал, сите информации кои ги имаме се: ќе почне. Ќе се имплементира, во ред, меѓутоа на терен нешто опипливо, никој ништо не видел.“ – Љубица Јанчева, советничка од СДСМ

Токму БРТ е причина дел од советниците да не дадат зелено светло за Градот да се задолжи дополнителни 10 милиони евра за да купи нови еко-автобуси.

„Таа бара кредитно задолжување за 50 автобуси за кои постапката не е почната, а и да почне до крај на нејзиниот мандат тие автобуси нема да бидат набавени.“ – Љубица Јанчева, советничка од СДСМ

„Новиот менаџер во ЈСП, Крсте Петрески, е сериозен човек“ Миќо Стојановски, синдикат на ЈСП

„Многу е несериозно да дадете еден лист на којшто велите дека треба да обезбедите 10 милиони евра за кредит за автобуси и тука завршува приказната. Никакви други информации во однос на тоа.“ – Марија Андоновска, советничка од ВМРО-ДПМНЕ

Според планот, овие автобуси треба да бидат дел од целосно бесплатниот јавен превоз. Но, наместо реализација на ветеното, ЈСП постојано бара дополнителни субвенции од Градот. Советниците тврдат дека годинава им се исплатени најмногу пари, а и покрај тоа претпријатието има најголеми загуби.

„Ние имаме еден извештај каде што се вели дека за договорни услуги ЈСП потрошило 12 милиони. Но, не ни кажува каде се тие 12 милиони. Од друга страна постојано се бараат пари од нас.“ – Марија Андоновска, советничка од ВМРО-ДПМНЕ

“Вработените во градската администрација се лимитирани во давањето одговори. Луѓето се способни и знаат, полни се со информации, но доколку го направат тоа ти се соочуваат со невидени притисоци од секретарот пред се.“ – Љубица Јанчева, советничка од СДСМ

„Кога треба нешто да се гласа, никој ништо не знае. А, всушност, сите знаат за што станува збор. Ние сме трошковна организација. Ние не сме профитабилна. Дај боже Градот да не остави сами да стопанисуваме.“ – Миќо Стојановски, синдикат на ЈСП

И додека градоначалничката и советот постојано се во кавга, најмногу трпат оние кои им се довериле и ги гласале на изборите. Сите анкетирани ни рекоа дека не се задоволни од јавниот превоз.

Статистиката покажува катастрофален пад на бројот на патници. Ако во 2014 година, со ЈСП се возеле речиси 53 милиони луѓе, лани, според извештајот, продадени се само 28 милиони билети.

„Кога зборуваме дека кризата 24/7 ни е присутна во нашите животи, што се случува во улиците во Скопје? Не можеме да се разминеме од возила. Каква е таа сиромаштија?“ – Миќо Стојановски, синдикат на ЈСП

Директорот на ЈСП не одговори на нашите телефонски повици и пораки. Надевајќи се дека ќе добиеме одговор на прашањата кои ги засегаат граѓаните, го чекавме пред Град Скопје, каде требаше да се појави на редовна седница на советот. Дојде, ама не сакаше да зборува. Бил презафатен со состаноци.

Време не најде ниту Арсовска.

„- Градоначалничке, ќе може кратка изјава?

-Не, немаме во план денеска.“

Ниту од нејзиниот кабинет не добивме одговор.

И уште многу прашања за кои се бараше глас плус на изборите остануваат неодговорени.

Дотогаш граѓаните ќе останат заглавени во неисполнетите ветувања и скопскиот метеж