Македонија
15. December 2023 - 16:44

Ќе пропадне ли можноста грчки Архиродон да го изгради Чебрен?

Неизвесна судбината на Чебрен. Рокот за потпишување на договорот истече денеска, но е пролонгиран, оти грчката фирма поднела жалба до министерството за животна средна. Комисијата за избор, правници од министерството и консултанти од Владата денеска одржале состанок и ги разгледале забелешките без претставници од Архиродон. Ќе ги информирале со допис.

„Несогласувањата се најмногу во однос на тоа дали треба прво дозвола за води или треба да се потпише договор за концесија. Меѓутоа, во случајов, lex specialis е законот за води кој вика дека прво треба дозвола за води, за да можете да потпишете концесиски договор. Ќе ја информираме компанијата дека треба да пристапи кон исполнување на обврските, а тоа значи да пристапи кон потпишување на договор за акционерско друштво и да си продолжи постапката понатаму“ – Каја Шукова, министерка за животна средина

Архиродон и ЕСМ требаше до денеска да основаат акционерско друштво во кое македонската страна ќе има третина од капиталот.

Фирмата има банкарска гаранција до Нова Година, вели Шукова за Сител. Затоа министерството ќе побара таа да се продолжи за постапката да тече без проблеми. Сега ќе се чека реакција од Грците.

Вицепремиерот Битиќи повика на носење храбри одлуки.

„Ако процедурално министерството за животна средина процени дека не е возможно спроведување на тој проект, нема да се спроведе. За жал, 30 години како што е одземена можноста на нашите млади, деца и браќа, од некого упорно сакаме да не го направиме и финалниот чекор да одиме во следниот момент, а тоа е моментот на развој. Секогаш за секоја една добра иницијатива велиме дека ни се одзема можност, а не гледаме дека тоа е можност за развој“ – Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања

Премиерот, пак, вели дека е невозможно сега да се имплементираат нови услови бидејќи тоа нема да биде праведно кон другите фирми кои се пријавиле на тендерот. За експертите кои неколкупати организираа јавни дебати на кои говореа штетноста од договорот со грчки Архиродон, Ковачевски вели дека досега тие не понудиле друго решение.

„Дел од тие експерти коишто ги слушам, тие се експерти во своето поле, меѓутоа тие учествувале во економскиот, енергетскиот и општествениот живот на Македонија и пред тоа јас не сум видел нивни иницијативи за градење на овој голем проект, иницијатива до влада, предлог до влада, дека владата ќе обезбеди над 1 милијарда евра за да го изгради овој проект“ – Димитар Ковачевски, премиер

Грчката фирма треба да ја изгради хидроцентралата за 7 години. Инвестицијата е тешка 1 милијарда евра. Обврска на земјава е да го даде ХЕЦ Тиквеш како удел кога Чебрен ќе почне со работа.

Ова е четиринаесетти обид за доделување на концесија на Црна Река. На овој му претходеа 13 неуспешни тендери за Чебрен во изминатите 20 години.