Дали е оправдана новата ставка „пристап до мрежа'' во сметките за струја?
Новата ставка „пристап до мрежа“ во сметките за струја е нелогична и потребни се дополнителни анализи пред да се воведе, смета универзитетскиот професор Ристо Цицонков. Според него, погодени ќе бидат повеќе категории граѓани, а не само оние кои имаат повеќе станови или викендици.
„Една третина од становите во Скопје се празни, без корисници. Голем дел од нив се во странство, да живеат и да работат таму. Присилно, под наводници, ги оставиле становите празни. Има и други граѓани кои купиле станови заради вложување во недвижности итн.“ – Ристо Цицонков, пензиониран професор на Машински факултет
Воведувањето на ваков тип фиксен надоместок, Цицонков вели дека ќе биде лош пример и за јавните препријатија оти и тие ќе имаат основа да бараат дополнителни давачки за своите услуги.
„Еве на пример, што се случува на мрежата за водовод? Тогаш и претпријатието Водовод и канализација ќе рече еве ние мораме да обезбедиме приклучок за вода плус, покрај тоа што трошите за вода, ќе треба плус за приклучок како дистрибуција и ние ќе ви наплаќаме. Ако се користи истата логика. Можеби и некои други што имаат мрежи, како топлификација и слично“ – Ристо Цицонков, пензиониран професор на Машински факултет
Од организацијата на потрошувачи рекоа дека граѓаните и онака се погодени од кризата, па новата ставка за нив ќе биде уште еден удар. Токму затоа бараат таа да биде на најниско ниво.
„Беше кажано како некој лусксуз, дека овие лица имаат повеќе стана или слично, можеби е во ред од еден аспект, но во друг аспект не е во ред затоа што не знаеме, можеби тоа лице живее на друго место, а станот му е даден на подарок или слично. Не значи дека треба да плаќа ваква мрежарина за електрична енергија, бидејќи тоа лице можеби е ранливо или сиромашно лице. Таа ставка треба да биде на најмало ниво, бидејќи потрошувачите веќе имаат трошоци од сите страни, дали тоа било за услуги или производи, така што оваа ставка, ако мора да се донесе, мора да биде на најниско можно ниво“ – Мартина Грнчаревска, Организација на потрошувачите на Македонија
Пристапот до мрежа ќе го плаќаме сите, без разлика дали и колку струја сме потрошиле. Колку ќе чини се уште не се знае, а првичните анализи покажале интервал од 50 до 250 денари. Со новата давачка, се очекува мрежарината да се намали до 20%.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
