Македонија
31. December 2023 - 16:54

Шефовите на инженерите во контрола на летање поднесоа оставки поради спорни вработувања, М-НАВ вели дека се е по закон

Сите инженери на раководните инструкторски места во М-НАВ си поднеле оставки. Се повлекол и еден од тројцата директори, Љубе Стаменковски. Тој бил и нивниот најголем поддржувач и прв потпишан на известувањето.

Ова следи откако пропаднала селекцијата на кандидати на огласот на М-НАВ за инженери во Контролата на летање. 

Раководителите во воздухопловна техника оставиле тест прашања за основни предзнаења на кандидатите, за да видат кој од нив може понатаму да ја продолжи обуката. Потоа требало да следува интервју и да се изберат најдобрите кандидати.

Но, кандидатите не ги решиле тестовите, оти не ги знаеле одговорите. 

Во писмото со оставките, инженерите и инструкторите го известиле претседателот на Управиот Одбор, Фахрудин Хамиди, дека не можат да го проверат предзнаењето на кандидатите пред да потпишат договор за вработување. 

Освен тоа, кандидатите немале ниту соодветни дипломи. Завршиле електроенергетика на ФЕИТ, иако во огласот било наведено какви дипломи треба, за да може натаму да се едуцираат и да се стекнат со диплома за АТСЕП персонал.

Затоа инженерите барале да се поништи огласот во целост, но наместо тоа се дознало дека се примени. 

Од М-НАВ велат дека целата постапка е спроведена согласно Законот за работни односи и услови предвидени во систематизацијата на М-НАВ, во која за студент-инженер пишува дека треба да поседува диплома од електротехнички науки, две години работно искуство, лекарско уверение класа 4, познавање англиски јазик.

„Интервју се спроведува во случај за едно работно место да има два или повеќе кандидати кои ги исполниле условите. Во нашиот случај со инженери и техничари имавме само по еден кандидат за сите 7 работни места. Важно е да се потенцира дека согласно истите услови се примени инженери во М-НАВ пред 4 години и за истото немаше негодување. Примените кандидати два инженери и еден техничар понатака ќе бидат на он-џоб тренинг согласно програмата за обука која трае околу една година. Безбедноста во ниту еден случај не е загрозена, новите вработени нема да бидат вклучени во оперативно делување пред стекнување на соодветно овластување од стручните инструктори. Ако не се стекнат со овластување ќе добијат отказ“.

За опозицијата, М-НАВ станала Македонска неофицијална агенција за вработување.

„Постојано има скандали со огласите и приемите во М-НАВ каде напикаа роднини, деца, внуци и коалициски партнери за плати неколкупати поголеми од просечните“ – Наум Стоилковски, ВМРО-ДПМНЕ

Пред десетина дена, контролорите на летање најавија штрајк на 25 декември и Нова година оти огласите за вработување биле спротивни на спогодбата што ја постигнаа со менаџментот уште во октомри. По преговорите со министерот за транспорт, се откажаа од штрајкот.

Ова не е првпат да има проблеми со конкурс за вработување во М-НАВ. И лани синдикатот изрази сомнеж дека има планови за поништување на оглас зашто од 270 пријавени, положиле само 8 кандидати, а меѓу нив не се нивните, а ни пријавените деца на функционери од ДУИ.