МДС: Османи праќа конзул во Њујорк без дипломатско звање
Македонскиот дипломатски синдикат го обвини шефот на дипломатијата дека за конзул во Њујорк испраќа штотуку вработен во МНР кој нема дипломатско звање.
„Еклатантен пример за непочитување на внатрешните регулативи е упатувањето на г-нот Мухаби Синани на местото Генерален конзул во Њујорк, истото она место на кое министерот Османи не успеа да ја упати во тоа време ТВ презентерката Бесмира Ејупи. Имено, г-нот Синани, кој што од скоро е вработен во МНР од приватна фирма не исполнува услови за упатување во странство. Тој минатата недела веќе ги има одбрането тезите за упатување без притоа да има стекнато високо дипломатско звање кое е законски услов за именување на генерален конзул", се наведува во реакцијата на МДС.
Тие тврдат дека дека оваа недела Синани требало забрзано да полага испити во МНР за унапредување од три нивоа нагоре, како неговото упатување би било приспособено на законските барања за упатување на ниво на генерален конзул.
Дополнително, македонскиот дипломатски синдикат најостро ги осудува и квалификациите упатени од Министерот за надворешни работи Бујар Османи за наводна „албанофобија“ или „албано хистерија“.
„Ве повикуваме да не употребувате несоодветна политичка реторика кога се работи за прашања кои ги засегаат професионалните дипломати и нивните кариери. Би сакале да Ви укажеме, дека бројот на членови на МДС континуирано се зголемува, а воедно во истиот членуваат дипломати од сите етнички заедници“, велат од дипломатскиот синдикат.
Потсетуваат дека откако Османи ја презел функцијата, упатени биле повеќе од педесеттина амбасадори и конзули како и повеќе од двестотини дипломати на мандат, а синдикатот реагира исклучиво кога станува збор за прекршување на Законот за надворешни работи или за крајно спорни решенија.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
