Македонија
17. January 2024 - 16:28

Заседава надзорниот одбор на М-НАВ, се очекува ново раководство на управен

Фахрудин Хамиди и Љубе Стаменковски денеска треба да бидат разрешени од позициите во Управниот одбор на М-НАВ. На нивно место, Надзорниот одбор се очекува да ги именува Хекуран Асани и Милан Кораќ, по предлог на Владата. Третото место останува на Хасим Деари.

Асани е вработен во М-НАВ од 2005-та година. Тој е долгогодишен контролор, а воедно бил и супервизор на контролата на летање.

Кораќ, пак, има 25 години работно искуство во областа на воздухопловството. Пред позицијата во М-НАВ бил вработен во Агенцијата за цивилно воздухопловство.

Следен чекор е потпишување на записникот од седницата, а потоа да се достави потребната документација до Централен регистар. Оттаму се добива решение. Сите процедури треба да финишираат следната недела.

Хамиди и Деари ставиле потпис на новиот тендер за приватно обезбедување. За 57 илјади евра, кичевската компанија 2СС една година ќе го чува објектот на македонска навигација. Договорот е склучен кон крајот на декември. Оваа фирма го добива тендерот втора година по ред, како единствен понудувач.

Во меѓувреме, не стивнуваат реакциите во јавноста за семејните врски во М-НАВ. Опозицијата и денеска критикува. Владата коалиција ја нарекоа коалиција на бандитизмот.

Министри вработувале по два-тројца роднини во М-НАВ, а потоа „не им е гајле“ што мисли премиер. Ковачевски не смее збор да каже за министри и функционери на ДУИ дури и кога тепаат во контролна кула за летање. СДС и ДУИ не може да се европски фронт, затоа што тоа е коалиција на бандитизмот! Ова е класичен бандитизам со којшто функциите губат значење“ – Наум Стоилковски, ВМРО-ДПМНЕ

Трудовиот инспекторат веќе изврши вонреден надзор за работењето на М-НАВ и синдикатите и веќе подготвува записник.

Проверка направи и Финансиската полиција.

Ваквиот развој на настаните уследи откако на почетокот на овој месец, банда од неколку насилници упаднаа во М-НАВ како реакција на најавениот штрајк на синдикатот и со боксови тепаа контролор додека бил на работното место. За време на инцидентот летале триесетина авиони, меѓу кои и на земји членки на НАТО.

Обвинителството отвори истражна постапка против осум лица за Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај. Од нив, веднаш беа приведени четворица, а минатата недела уште еден. Останатите тројца се во бегство. На приведените им е определена мерка куќен притвор.