Loading Video...
Свет
22. April 2024 - 12:23

Преглед на вестите од светот

Украинците веќе четири месеци се оневозможени да дејствуваат, изјави синоќа Столтенберг во интервју за американската телевизија Ем-Си-ЕН-Би-Си (MSNBC). „Русите имаа многу повеќе муниција.

Воената помош за Украина во вредност од речиси 61 милијарда долари, која Претставничкиот дом на САД во саботата ја одобри по неколкумесечна расправа, не е задоцнета, но нејзиното одложување имаше реални последици, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Се очекува кон средината на неделава законот конечно да биде изгласан и во Сенатот, каде не се очекуваат никакви опструкции, а потоа да биде потпишан и од претседателот Џо Бајден.

Столтенберг посочи дека не е планирано присуство на сили на НАТО во Украина. Меѓутоа, сојузниците имаат право да му помогнат на Киев, а тоа не го прави НАТО страна во конфликтот.

Голем пожар изби во електромеханичката фабрика „Елмаш“ во рускиот град Воронеж, пренесуваат руските медиуми. Според првичните податоци, загинале три лица, а две се повредени.

Локалните медиуми јавуваат дека пожарот зафатил околу 3.000 метри квадратни.

Началникот на Генералштабот на Израелската војска, Херзи Халеви ги одобри плановите за продолжување на војната во Газа, соопшти синоќа израелската армија. Халеви „одобри понатамошни чекори“, рече портпаролот на армијата Даниел Хагари. Дел од плановите се воени операции на градот Рафа на југот од енклавата долж границата со Египет. Според сите извештаи, наскоро се очекува евакуација на цивилното население. Израел смета дека операцијата е неопходна за уништување на преостанатите баталјони на палестинската исламистичка организација Хамас. Во спротивно, може да очекува оживување на Хамас.

Портпаролот на израелската армија директно се обрати и до заложниците кои ги држи Хамас. „Ќе продолжиме да се бориме додека не дојдете дома“, рече тој. Роднините на заложниците се во неподнослива ситуација и ќе направиме се за да ги ослободиме нивните најблиски, додаде Хагари.

Големи реки, канали и езера во кинеската провинција Гуангдонг се соочуваат со опасни поплави, а најмалку 11 лица ги загубија животите во поплавите предизвикани од обилните дождови кои претходниот ден ја погодија провинцијата. Лошото време најмногу ги погоди градовите Шаогуан, Гуангжу, Хехуан, Џаокинг, Меиџоу и Хуиџоу. Силниот дожд паѓаше околу 12 часа.

Поради поплавите повеќе од 50. 000 луѓе се раселени, соопшти Одделот за управување со вонредни состојби во Гуангдонг, пренесува Чајна дејли.

Кинеската влада вчера го одобри спроведувањето на плановите за вонредни состојби поради заканата од поплави во провинцијата Гуангдонг, кои им се закануваат на 127 милиони жители. Во помош на погодената провинција притекна и кинеската армија, помагајќи пред се во расчистување на патиштата. Метеоролозите објавија дека водостојот на реката во некои делови на провинцијата достигна ниво што се бележи само еднаш во 50 години.