Имаат ли соодветен рехабилитациски третман сите повредени од трагедијата во Кочани?
Отворени рани од изгореници по главите, по ушите и делови од лицето е реалноста во Кочани по големата трагедија на 16 март. Застрашувачки фотографии од повредени кои со недели беа на лекување во странство објавија денеска од Support Kocani, како сериозен аларм до надлежните институции дека дел од овие лица нема каде да добијат соодветна нега и рехабилитација во родниот град.
- Сметаме дека сериозноста на проблемот е многу голема и дека ќе треба долготраен процес во кој ќе може да се санираат сите тие повреди. Во Кочани не се условите најдобри, но медицинскиот тим дава најголеми напори што може за да го подобри здравјето на повредените. Најдобра санација на повредите и лузните е компресивната терапија која е многу скапа и ние обезбедуваме средства за да се покрие бидејќи трошокот е многу голем, вели за Сител волонтер во Support Kocani.
По апелот на организацијата која им помага на повредените и семејствата на загинатите, реагираше Министерството за здравство. оттаму писмено одговорија дека двајцата повредени чии слики со изгореници беа објавени ќе го продолжат лекувањето на Клиниката за пластична хирургија. Здравствените власти тврдат дека во кочанската болница има и услови и соодветен кадар а пластични хирурзи повеќепати во неделата одат во болницата.
- Тимови од Клиниката за пластична хирургија веднаш по враќањето на првите пациенти од странство, во договор со хирурзите од ОБ Кочани секојдневно се во контакт и се врши редовна контрола на повредените.
Специјалисти од Клиниката за пластична хирургија повеќепати во неделата редовно одат во ОБ Кочани и вршат преглед, преврски и тријажа на повредените пациенти. Исто така и специјалисти по физикална медицина и соецијалисти од психијатрија се вклучени во третманот на лицата со изгореници.
На одделот за хирургија во ОБ Кочани има посебни сали каде се третираат пациентите со изгореници, меѓу кои и за миење и преврзување и тоалетата се врши навремено и соодветно.
Од болницата информираат дека во меѓувреме се обезбедени и услови и за набавка и монтирање када за подобар треман на пациентите кои имаат потреба да бидат третирани на овој начин (станува збор за двајца вакви пациенти).
Инаку, овие двајца пациенти го продолжуваат лекувањето на Клиниката за пластична и реконструктивна до заздравување на раните.
Што се однесува до хипербарната комора која кочанската болница ја доби како донација, од МЗ велат дека ќе проработи по завршување на сертификацијата на кадарот што ќе работи на овој апарат.
Согласно информација од ОБ Кочани, во моментот е во тек сертификација на кадарот за користење на капсулата на хипербарната комора, по што пациентите ќе бидат третирани со овој апарат. Значи веднаш по добивање на апаратот, се преземени неопходните чекори за обука на кадарот за негово користење.
Во трагедијата 62 лица ги загубија животите а околу 200 беа повредени. Повеќе од стотина беа испратени на лекување во странство а по враќањето дома го продолжуваат за некои долгиот процес на рехабилитација.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар