Со новите измени во Kривичниот законик, семејното насилство ќе се гони по службена должност
Новите измени во Кривичниот законик претставуваат значаен напредок во борбата против семејното насилство. Од сега институциите ќе мора да постапуваат по службена должност, дури и ако жртвата не поднела пријава.
- Тоа е огромна промена, бидејќи многу жртви молчат поради страв, срам, или притисок од околината. Сега системот нема да чека, тој ќе реагира. Со ова покажуваме дека како држава стоиме цврсто зад жртвите и дека насилстото нема да се игнорира и дека секој чин на насилство ќе биде санкциониран. Ова е порака на надеж и охрабрување за сите што долго време страдаат во тишината, изјави Стојне Митева, Граѓанско здружение „Скај плус“
Очекувањата се дека ќе се намали бројот на случаи на семејно насилство, зашто системот нема повеќе да го толерира.
- Кога институциите ќе почнат да постапуваат веднаш, по службена должност, тоа ќе значи дека насилникот нема да може да се сокрие зад ѕидовите на домот. Насилниците ќе знаат дека ќе има последици, а жртвите ќе знаат дека не се оставени сами да се борат. Со ова може да се донесе вистинска промена, не само во бројките, туку и во свеста во општеството, додаде
Минатата година се евидентирани 200 случаи на семејно насилство врз жени и девојќи, но дури 70 % од жртвите ги прекинале постапките против насилниците. Оваа поразителна статистика беше причина невладините да бараат промени на Кривичниот законик, со кои вршителите на семејно насилство ќе се гонат по службена должност. Секое навремено спречено насилство значи спасен живот, спасено детство и можност за нов почеток.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар