Од март стапува на сила поригорозен закон за заштита од пушењето - се забрануваат и електронските цигари
Новиот поригорозен закон за заштита од пушењето се очекува да стапи на сила во март. Според информации од здравствените власти се планира забрана не само на класичните туку и на електронските цигари, “вејп” апаратите и други уреди кои содржат никотин во сите угостителски објекти, фирми, јавни институции, автобуски и железнички станици, пазари и јавни места каде има повеќе луѓе.
Не смеат да се пушат цигари ниту во автомобил ако има малолетно дете по примерот на Грција. Во рестораните и кафетериите ќе биде дозволено пушење само на терасите ако се отворени од 3 страни, а не како досега застаклени или преградени со фолии. Според надлежносот министерство, целта на законот е намалување на изложеноста на чад и аеросоли и спречување на нови генерации зависници.
- Предлог-законот прво ќе биде објавен на ЕНЕР, за потоа да следи фаза на јавна расправа. По завршување на консултациите и вградување на релевантните забелешки, текстот ќе се финализира и ќе се достави во владина процедура. Предложените законски решенија се очекува да придонесат за намалување на ризикот од болести поврзани со тутун и никотин, да се поддржи откажувањето од зависност и да се постави систем кој ќе води грижа за здравјето на граѓаните согласно европските стандарди и меѓународните обврски на државата, објаснуваат од здравство.
Граѓаните кои ги анкетиравме велат дека и сега има закон за заштита од пушење но не се почитувал. Согласни се за забрана и на електронските цигари, но потенцираат дека прво треба да се исчисти воздухот, па потоа да се казнува пушењето.
Од туристичко угостителската комора при ССК кои ќе бидат најзасегнати од новиот закон против пушењето велат дека идната недсела ќе имаат состанок со угостителите и потоа јавно на прес конференција ќе ги изнесат нивните ставови.
Според статистичките податоци на повеќе институции во Македонија цигари пушат речиси половина од возрасното население.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
