Македонија
11. January 2026 - 16:32

100 евра казна на лице место ако ве фатат со цигара каде е забрането

Ако ве фатат со цигара во рака на места каде е забрането пушењето доколку платите веднаш “задоволството” ќе ве чини 100 евра, во рок од 8 дена сумата се зголемува од 150 до 300 евра, а со судска пресуда глобата за прекршокот е трипати повисока.

Наместо пари ќе можете да вршите и општо корисна работа. За правните лица во зависност од големината на фирмата казните се движат од 2000-5000 евра.

Ова е предвидено во предлог законот на министерството за здравство за заштита од пушење кој треба да стапи на сила од 1 март. Се забрануваат сите видови цигари вклучително и електронските кои содржат тутун и никотин во сите угостителските објекти, казина, спортски обложувалници, државни институции, приватни фирми, во аеродроми, на автобуски и железнички станици.

Нема да смеете да запалите цигара ниту на постојка додека чекате автобус. Казниво ќе биде пушењето и во зграда и заедничките стамбени простории, пред државни институции, болници, градинки, училишта и пред студентските домови. Во продавници цигарите не смеат да бидат на видливо место туку ќе се продаваат по список, а се забранува прикажување и рекламирање цигари не само на телевизија туку и на интернет, а нема пушење ниту на поткасти. Полицијата има право да ве казни и ако пушите во автомобил во кој има малолетно дете.

Пулмологот Димитар Каркински подржува ваков поригорозен закон за да се намалат последиците по здравјето.

- Ние како професионалци, не само пулкмолози, туку и кардиолози, хирурзи, онколози секојдневно ги гледаме псоледиците од пушењето кај нашитре пациенти. Второ, како обичен граѓанин, не како пулмолог кога излегуваме во угостителски објекти ние сите непушачи, па и пушачите кои пушат помалку сме изложени на тоа секундарно пушење и ние го вовлекуваме тој чад и нас ни делува штетно. И трето, сите влади сакаат во ЕУ, целиот народ сака во ЕУ, законите во ЕУ се такви како што се носи овој закон сега дека пушењето мтреба да се забрани ригорозно. Затоа ако сакаме да одиме напред требва да се донесе овој закон и да се почитува на целата територија на Република Македонија, вели д-р Димитар Каркински, пулмолог и директор на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ.

Слична забрана за пушење на многу места предвидуваа и законските измени во 2010 година, но според реакциите од граѓаните тоа не се почитуваше секаде, а во март 2018 тогашната Влада дозволи пушење на летните тераси. 

Според пулмологот Каркински и првиот закон пред да се либерализира бил добар, само кратко време се почитувал и не секаде, а за да се почувствуваат долгорочни ефекти врз здравјето потребни се 10-20 години. 

- За жал не се почитуваше низ целата територија на Република Македонија и имавме места каде се пуши и места каде не се пуши. Искрено не можам да кажам дека имавме позитивни резултати од тој период бидејќи кратко траеше и пушачите си продолжија да си пушат. Ако сакаме ова да успее мора да биде долгорочна стратегија и да се почитува на целата територија, изјави пулмологот проф. д-р Димитар Каркински.

Според статистичките податоци од ИЈЗ, годишно околу 4000 смртни случаи се поврзуваат со пушењето цигари.