Македонија
12. January 2026 - 16:36

Собранието ги избра адвокатката Јошевска и професорката Кадри за членови на Судски совет

Адвокатката за кривични предмети Сузана Јошевска-Анастасовска и професорката по семејно право Арлинда Кадри-Шахиновиќ се новите членки на Судскиот совет.

Парламентот денеска ги избра со 72 односно со 63 гласови „за“. Тие влегуваат во независното судско тело на предлог на претседателката Гордана Силјановска-Давкова, која со месеци го одложуваше изборот на двајца членови на Судскиот совет, со цел тој да се спроведе согласно новиот Закон за Судски совет, кој предвидува построги критериуми за тоа што значи „истакнат правник“.

Освен од власта, Јошеска Анастасовска ја доби поддршката и од опозициската СДСМ. Таа и досега по ставовите важеше за блиска до оваа партија. Токму затоа во образложението на предлогот претседателката коментираше дека ВМРО-ДПМНЕ имаат забелешка на нејзиниот избор, но и поради тоа што била дел од СЈО. Сепак, таа побара партиите да не сомневаат во нејзината стручност, а била поупларна и во јавноста.

Задоволен од изборот е и претседателот на Судскиот совет, Камбовски, кој се надева дека и новото законско решение ќе донесе поефикасна работа во телото, чиј интегритет во минатото беше дискутабилен.

И покрај денешниот избор, на Судскиот совет му недостасува уште еден член, кој треба да го избере парламентот на свој предлог. Таму огласот е спроведен според стариот закон, а Комисијата за избори и именувања како кандидат го утврди Албан Кадриу од Тетово.

Собранискиот спикер Гаши брифираше дека се бара начин тој оглас да се поништи, за и овој член да се избере според новите критериуми. Не е исклучена ниту опцијата Кадриу сам да се повлече од кандидатурата.

Комисијата за избори и именувања, пак, ја утврди листата на кандидати за нов состав на Државната изборна комисија (ДИК), имајќи предвид дека мандатот на актуелниот состав завршува во четврток. Пријавени се 16 кандидати, меѓу кои и речиси целиот сегашен состав.

Неофицијално, останува поддршката на ВМРО-ДПМНЕ за Светлана Карапетрова и Александар Даштевски. Не се очекуваат промени ниту кај членовите Албанци. Според Изборниот законик, претседателот на ДИК доаѓа од редовите на најголемата опозициска партија – СДСМ.

За оваа позиција се споменуваат екс-министерот за правда и за европски прашања Бојан Маричиќ и поранешната заменик-министерка за правда Мадиќ, како и Марија Митановска-Димовска, сопруга на поранешниот началник на интервентната полиција од времето на Заев.

На листата на пријавени е и Феузи Џафери, адвокат од Гостивар, кој лани се пријави и за претседател на Антикорупциската комисија, како и на огласот за народен правобранител.

Собранието денеска го верификуваше и мандатот на новиот пратеник Зекирја Таири од „Вреди“, на местото на Беким Сали, кој стана вицепремиер за европски прашања.