Со задолжување од милијарда евра ќе се враќаат стари долгови, но ќе следи уште едно во следното тримесечје
Задолжувањето од милијарда евра со двете нови еврообврзници постепено ќе го стабилизира јавниот долг и ќе овозможи сигурност во сервисирање на обврските.
Министерката Кочоска е задоволна што интересот од инвеститорите бил огромен, понуда имало за 4 милијарди евра. и затоа постигната камата е ниска. За првата, чиј рок на враќање е 4 години, каматата е 3,87, додека за втората – со рочност од 8 години - 4,75 отсто. . парите ќе се искористат за враќање стари долгови, кои годинава изнесуваат 1,5 милијарди евра.
- Ова е првпат по две децении државата да пласира осумгодишна еврообврзница, што се толкува како силен сигнал за довербата на меѓународните инвеститори во домашните економски политики. Со обезбедените средства ќе се изврши исплата на претходната еврообврзница од 2020 година во износ од 700 милиони евра.
- Остатокот од парите ќе се искористи за финансирање на буџетскиот дефицит и за реализација на развојни проекти.Инаку вкупните обврски за отплата на домашниот и меѓународниот пазар оваа година изнесуваат околу 1,563 милијарди евра, во 2027 година 1,579 милијарди евра, во 2028 година 1,971 милијарди евра, во 2029 година 1,304 милијарди евра, а во 2030 година 1,414 милијарди евра или вкупно за 5 години 8,804 милијарди евра, изјави Гордана Димитриоска Кочоска, министер за финансии.
За опозициската СДСМ пак, задолжувањето е признание од власта дека државата нема пари за функционирање.
- Наместо да ја признаат дупката во буџетот, тие новото задолжување го објавуваат како успех на Министерството за финансии за пласирање на еврообврзниците и како триумф на економијата!
Во моментот кога Владата се фали со „импресивната“ побарувачка од над 4 милијарди евра за десеттата еврообврзница во износ од милијарда евра, вреди да се потсетиме дека ова не е приказна за успех, туку за нужда.
Што тоа значи за граѓаните?
- Повеќе долгови значат поголеми камати, помалку средства за социјални програми, здравство и образование, и поголем ризик од криза ако глобалните каматни стапки пораснат., велат од СДСМ
Инаку министерката Кочоска вели дека вкупно за враќање на сите обврски годинава, вклучувајќи ги и 12 месечните државни записи , сумата ќе достигне 2,5 милијарди евра. Пари ќе се бараат на меѓународниот пазар – или со нова еврообврзница или со кредит од странска банка, уште во првото тримесечје годинава.
-

Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар
