Нема пролонгирање на почетокот на второто полугодие поради грипот - за една недела во ИЈЗ се пријавени 2322 болни
Нема продолжување на зимскиот распуст на учениците иако бројот на болни од грип се зголемува. Од Институтот за јавно здравје и од Комисијата за заразни болести сметаат дека состојбата засега не е алармантна и нема потреба од дополнителни мерки.
- Бројките се очекувани за овој период од годината. Точно е дека засега имаме раст неколку недели порано од очекуваното. Засега сме во средна активност и тоа не дава можност да даваме претерани мерки како што е продолжување на зимскиот распуст. Ја следиме состојбата и доколку има промени, ќе излеземе со соодветни препораки, д-р Драган Кочински, раководител на одделот за епидемиологија на заразни заболувања во ИЈЗ.
Инаку, според последниот извештај на ИЈЗ минатата недела пријавени се 2322 случаи со грип, што е за 2,2 пати повеќе од првите 7 дена во Новата година. Најмногу болни има во Скопје, Тетово, Куманово,Охрид... Околу 600 заболени се деца до 14 години, а вирусот е најраспространет кај работоспособното население.
За да се спречи ширење и да се избегнат комппликации од грипот на вчерашниот состанок на Комисијата за заразни болести била донесена препорака во здравствените установи сите здравствени работници, пациентите и граѓаните кои одат на посета задолжително да носат маски и да се почитуваат општите мерки за заштита препорачани од Институтот.
- Избегнување на простории со голем број луѓе, редовно проветрување, консумирање витамини и минерали, како и останување дома во случај на заболување. Доколку симптомите се влошуваат или не се повлекуваат, граѓаните се упатуваат да се јават на лекар, рече д-р Кочински.
Пред неколку дена на Инфективната клиника поради компликации од грипот почина 75 годишна жена од Скопје која имала повеќе хронични болести.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
