Македонија
16. January 2026 - 16:27

Нема одложување на второто полугодие – учениците се враќаат на настава во вторник

Нема продолжување на зимскиот распуст, категорична е министерката за образование. Таа апелираше учениците да се вратат на настава во вторник на 20 јануари и што помалку да изостануваат за да постигнат подобри резултати.

- Апел до родителите, да престанат со праксата да ги оправдуваат часовите и да не им дозволуваат на своите деца одмори во текот на учебната година и како што рече „децата треба да се од првиот до последниот ден на училиште, освен кога државата заради некаква поголема сила ќе одлучи дека тоа не треба да се случи, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука

Во меѓувреме Комисијата за заразни болести будно ќе ја следи состојбата со ширењето на грипот. Очекувано било овој период бројките на заболени и хоспитализирани да бидат зголемени, но ситуацијата не е алармантна и нема потреба од дополнителни ммерки вклучително и одложување на второто полугодие.

- Ние континуирано будно ја следиме состојбата со сите оние податоци и на завчерашниот состанок на Комисијата за зарази болести на министерот му дадовме препорака дека не гледаме причина зошто второто полугодие од оваа учебната година да не започне на време, но тоа не значи дека ние нема да следиме како ќе се одвива ситуацијата и бројките какви ќе бидат со тоа што доколку има потреба ние нема да чекаме време да помине и благовремено ќе се состанеме и ќе дадеме нова препорака, нормално од ситуацијата каква ќе биде, изјави прим. д-р Жаклина Шопова, инфектолог и претседател на Комисијата за заразни болести.

На последниот состанок на КЗБ бил донесен заклучок за носење на маски во здравствените установи, но посетите на болните засега не се укинуваат.

- Препорачавме сите здравствени работници во сите здравствени установи треба да користат заштитни маски како и посетителите кои доаѓаат во болничките установи дали се работи за пациенти или посетители на свои роднини кои се хоспитализирани се со цел да немаме дополнителен пренос на инфекција, рече д-р Шопова.

Според неделниот извештај на ИЈЗ минатата недела пријавени се 2322 случаи со грип, што е за 35 проценти повеќе од претходните 7 дена.