Прилепските угостители со позитивни оценки за Законот за работно ангажирање лица
Прилепските угостители со позитивни оценки за Законот за работнo ангажирање на лица кој стапи на сила со почетокот на 2026 година. Истакнуваат дека токму тој ќе им помогне во сезонскиот период кога постариот персонал заминува на работа во странство, тие да можат легално да ангажираат лица помали од 18 години, како шанкери, келнери, готвачи и помошници во кујна. Само во лето во Прилеп недостигаат од 30 до 40% луѓе кои работат во угостителството.
„Бенефитот е што ќе бидеме сигурно и ќе ги осигураме сите деца, имаме многу интерес од младинци кои сакаат да работат, да земат пари за одмор или сопствен буџет. Ќе се осигураме и посигурно ќе работиме“, Јорданчо Момироски, претседател на здружение „Меанџии“ од Прилеп.
Но ако овој проблем за угостителите е решен, сега тие стравуваат од новиот предлог Закон за пушење во угостителски објекти од кој стравуваат дека може да им ја намали работата. Имаат свои препораки како може истиот да го заштити и здравјето на граѓаните, но и како тоа да не влијае врз нивната работа.
„Ние овде ќе претрпиме огромни штети, но тоа е, ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Се уште е предлог, да видиме дали ќе се усвои и дали ќе има измени и олеснувања во однос на угостителството. Ако сме повикани би дале предлог, како што плаќаат лиценца ноќните клубови и кабареата, секој објект да одлучи за лиценца, макар да биде и само во летната бавча, да има пушачки дел, не за целиот објект и нормално да биде физички одделен, не како сега летните бавчи што се отворени и споени со внатрешниот дел“, рече Јорданчо Момироски, претседател на здружение „Меанџии“ од Прилеп.
Во моментов има три иницијативи во предлог законот како да се одвива пушењето во овие објекти. Првата е да се има три отворени страни на бавчата со тврд кров, другата е со шатори и тенди исто од три страни отворени и третата иницијатива е исто со тврд кров, шатори и тенди и зависно од позицијата околу да има банери или огради, но не поврзани со кровната конструкција.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар
