Македонија
18. January 2026 - 16:46

Втор смртен случај поради компликации од грип на Инфективна

За една недела втор смртен случај на Инфективна поради компликации од грип. Вчера на клиниката починал 69 годишен пациент од внатрешноста кој имал повеќе хронични заболувања и не бил вакциниран против сезонскиот вирус. Пред пет дена бил хоспитализиран во тешка состојба на одделот за интензивно лекување.

- Пациентот беше донесен во исклучително тешла општа состојба со развиена масивна бронхопневмонија и акутен респираторен дистрес синдром. Кај пациентот веднаш е пристапено од медицинскиот тим на одделот за интензивно лекување, но за жал, пациентот почина. Пациентот иамл ХОББ и кардиомиопатија и други заболувања, вели д-р Фадил Цана, директор на Клиника за Инфективни болести.

На Инфективна пред една недела почина и 75 годишпна пациентка со потврден грип и повеќе хронични заболувања. На клиниката во моментот има хоспитализирано триесетина пациенти кај кои е потврдена инфлуенца . Како што вели директорот на клиниката, најголем број од нив се со коморбидитети, повозрасни и не примиле вакцина за заштита од сезонскиот вирус. 

-Неколку од нив се со кислородна поддршка и има еден на механичка вентилација што значи е потежок случај, вели д-р Цана. 

Амбулантски на Инфективна имаат и повеќе од 100 прегледи за едно деноноќие а гужви има и во Клиниката Козле и на Детска каде голем број деца поради компликации од грипот завршуваат на болничко лекување. 

Одложување на стартот на второто полугодие за учениците нема да има а според последниот извештај на Институтот за јавно здравје бројките на заболени растат во споредба со претходно анализираниот период.

Оваа сезона има 6 147 пријавени со симптоми на грип или заболувања слични на вирусот што е повеќе од двојно од истиот период лани.