Македонија
1. February 2026 - 16:55

Министерот за здравство не знае зошто професорот Кедев се повлекол од Здравствениот совет на министерството

Министерот за здравство не знае зошто професорот Сашко Кедев се повлекол од Здравствениот совет на министерството.

Во телефонски разговор вели немал информации дека Академикот ќе си поднесе оставка и рече ќе го побарал наредната недела да се видат за да лично ги дознае причините. Иако оставката е архивирана од службите кои се наоѓаат еден спрат под кабинетот на Азир Алиу, тој тврди дека документот не бил доставен до него и не го видел. 

Како причина за повлекувањето од Советот пак кардиологот Кедев наведува оти смета дека започнатите контролни процеси треба да ги спроведуваат исклучиво компетентни кадри со веќе докажан стручен и професионален кредибилитет. Од тука може да се заклучи дека забелешките се однесуваат на странските експерти кои се ангажирани од МЗ за да ги проверат првичните наоди на домашната комисија која од 19 анализирани случаи, во 10 утврди непотребни операции на срце или непотребно упатување на операции. 

Иако ова беше обелоденето пред 2 ипол месеци, тимот на доктори од странство кои треба да дадат второ мислење се уште не се состанал. Од министерството информираат дека се договориле со -кардиоваскуларен хирург и интервентен кардиолог од Словенија и кардиохирург од Италија, со претходно искуство во вакви ситуации. Зошто досега не ги разгледале случаите од здравство велат дека пролонгирањето било поради обврските на докторите, но и сите досиеја требало да се преведат на англиски. 

За опозициската СДСМ повлекуваењето на професорот Кедев од здравствениот совет во министерството е голем скандал и случајот го поврзуваат како што велат клеветите на доктор Жан Митрев против нивниот претседател Венко Филипче.

- Клучното прашање е дали Жан Митрев излезе со клевета против претседателот Филипче заради ова? За владата да го повлече Кедев и целиот случај за скандалот со операциите да се заташка?

Ова ли е цената што треба сите да ја платат за да се заштити Жан Митрев од одговорност?

Зошто др Жан толку долго чекаше? Зошто сам не отишол во Обвинителство?

Дали се чекаше ова? Да добие време да се извлече, да се сокријат трагите? 

За ваков скандал никој нема право да молчи и да калкулира, рече на прес конференција  Симона Цветановски, членка на Извршниот одбор на СДСМ.

Лани летото кардиолог Сашко Кедев јавно кажа дека во приватни болници во сала се внесувале луѓе за стентирања и операции за профит. Потоа министерот формираше интерна комисија да ги испита тврдењата и констатираше дека 10 пациенти без потреба биле оперирани. Доктор Кедев не е дел од таа комисија.

Инаку сите најави за поголема контрола на кардио- интервенциите се уште не се реализирани. Не функционира таканаречениот “Хард тим” кој треба да дава второ мислење пред секоја кардиохируршка интервенција.  Јавноста нема информаци за работењето на приватните болници, а пак специјалистите од овие области не можат да пристапат до досиејата на пациенти кои се третираат во приватните болници, што беше најавено од министерот Алиу преку дигитализација односно поврзување на сите приватни и државни болници и клиники.