Македонија
2. February 2026 - 16:35

Мицкоски: Борбата со криминалот мора да заврши со одземање на незаконски стекнатиот имот

Нема да има селективна правда и недопирливи, а украденото ќе се врати кај народот порача премиерот Мицкоски на конститутивната седница на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на незаконски стекнат имот.

Според него владата поставува темели на систем во кој правдата не е декларација, туку пракса, а борбата против корупцијата не е политички слоган, туку државна политика.

За министрите ваквиот совет е сериозен удар во системот со кој со години се штителе недопирливите.

Евроамбасадорот Рокас ја поздрави ваквата заложба која значи чекор понапред во евроинтеграциите. Според него, најефективниот начин да се победи криминалот не е само затворот, туку одземањето на финансиските средства.

По конститутивната седница, опозицијата обвинува дека Мицкоски ги земал под контрола сите институции, а вистинската борба ќе ја докаже ако се уапси самиот.

- Нема борба против криминалот и корупцијата без одговорност на главниот и без одговорност за криминалните тендери: 161 тендер за една фирма, 51 тендер за омилената фирма преку општините, 9 милиони евра за двајца вработени, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта, велат од СДСМ.

Ако во 2022-та имало само 9 финансиски истраги, следната 2023-та 17истраги, 10 во 2024-та, лани нивниот број се зголемил значително, на 58  со кои се опфатени 400 физички лица и 95 правни лица. Од нив 33 веќе биле завршени и со судска мерка е обезбедено одземање на 33 милиони денари имот.