Годинава конечно се започнува со конзервација на црквата на Трескавец и заштита на Македониумот во Крушево
Конечно годинава започнуваат два капитални проекти на Заводот и Музеј Прилеп за едни од највредните културно историски споменици заштитени со закон кај нас, а кои беа оставени со години на забот на времето, а тоа се манастирот Трескавец кај Прилеп и споменикот Македониум во Крушево.
Годинава за Трескавец се одделение 4 милиони денари и конечно ќе се започне со конзервација на цркавата која е од 13 век, а чии ѕидови и фрескоживопис буквално се распаѓаа пред очите на сите институции со децении.
„Чекаме од Управата за заштита на културното наследство одобрение и потоа почнуваме реализаицја на Трескавец. Значи проектот основно ни треба конструктивно зајакнување на црквата и отстранување на влагата тоа е почетната точка која ни треба, да се зајакни црквата, па после да се прородлжи со внатрепшното уредување на фреските, под или било што друго, секако вид на интервенции кои ќе се преземаат понатаму. Поделен е самиот проект бидејќи не може да се реализира во една година, премногу е комплексен“, истакна Мимоза Христоска, директор на Завод и Музеј Прилеп.
Македониумот е исто така еден од најпознатите споменици на културата кај нас, но и тој беше оставен да пропаѓа. При секој дожд внатре се прави езеро и е потребна целосна конзервација и реставрација на витражните прозорци, фасадата како целиот споменик. За изработка на основниот проект за заштита на Македониумот се одделени 4,5 милиони денари, а за превентивата и заштитувањето на прозорците се 5,5 милиони денари.
„Во превентивата е заштитување на сите отвори од стакло и витражите, се изработува надворешна конструкција која што ќе биде заштитена за да нема навлегување на вода во објектот. А во текот на 20256 година веќе започнавме со реализација на изготвување на основен проект на комплетна реставрација и конзервација на самиот Македониум“, додаде Христоска.
Заводот и Музеј Прилеп годинава доби пари и за 16 проекти за заштита на културно наследство, 15 проекти од музејскатра дејност, како и 7 проекти за инвестиции.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар
