Досега откупени над 100.000 јагниња по цена од 280 денари, на сточарите исплатени над 1 милијарда денари субвенции
Досега во Македонија се откупиле 100.000 јагниња по цена од 280 денари. Според министерот за земјоделство сега бил шпицот на откупот и се очекува истиот да продолжи со сегашното темпо и динамика. Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски потенцираше дека на одгледувачите на овци им биле исплатени сите субвенции по грло до 2025 година, односно државата исплатила над 1 милијарда денари.
„Со ова практично ја затвораме комплетно исплатата кон оваа сточарска гранка. Реализацијата по однос на сите плаќања по однос на овчарството мислам дека ќе бидат доволен стимул за тековната 2026 да имаме задржани повеќе женски јагниња, односно зголемување на бројната состојба на овците во Македонија“, истакна Цветан Трипуновски, министер за земјоделство.
Министерот истакна дека за 2026 и 2027 година ќе добијат субвенции и оние земјоделци кои се под прагот за предвидената мерка за субвенционирање се со цел во овој период да се прилагодат земјоделците и да ги постигнат бараните квоти.
„Нема никој да биде исклучен од процесот на земање субвенции. Во тековната програма за 2026 година има посебна мерка која ќе ги опфати сите овие мали земјоделци кои се под праговите кои ги имаме ставено во програмата за 2026 година. Исто така ваква мерка ќе постои и во 2027 година, со цел овие 2 години заедно со сточарите да помогнеме да ги постигнеме тие минимални прагови“, додаде Трипуновски.
Одгледувачите на овци истакнаа дека со исплатата на овие субвенции и цената која што се постигна годинава позитивно ќе дечуваат на сточниот фонд.
„Исплатата на овие субвенции верувам дека ќе ги помогне многу сточарите и верувам дека другите години ќе се исплатат на време и само така може да расте бројката и со други стимулации да го вратиме женското јагне, да има исплата за приплод“, изјави Насер Џамаили, претседател на Сојуз на одгледувачи на овци.
„Цената е добра, задоволни сме годинава со цената, имаше и за поголемо јагне пласман. Цените 280 денари беа на терен, а до 40 килограми јагниња одеа“, кажа Марјанчо Стојчески, одгледувач на овци.
На средбата се разговараше и за останатите проблеми кои ги имаат сточарите, а се со цел поддршка на ова гранка и зголемување на сточниот фонд во Македонија.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар
