Македонија
27. May 2026 - 16:34

Во „Аџибадем Систина“ отворен првиот Центар за тироидна жлезда во земјава

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ е отворен првиот Центар за тироидна жлезда во земјава. Центарот нуди комплетна дијагностика, третман и следење на сите заболувања на тироидната жлезда кај возрасни и деца на едно место, од страна на мултидисциплинарен тим специјалисти по нуклеарна медицина, торакална хирургија, радиологија, патологија, педијатрија и ендокринологија.

- Главната цел на овој Центар е пациентите да можат за само еден ден на едно место да направат специјалистички преглед, ултразвук, лабораториски анализи, скен, биопсија и сѐ што е неопходно, без потреба од дополнителни консултации и упатувања во други установи. Доколку е потребно, пациентите веднаш добиваат термин и план за понатамошно лекување, како што е хирургија или радиојодна терапија, која е постојано достапна во болницата, изјави м-р доктор Билјана Црцарева, специјалист по нуклеарна медицина во „Аџибадем Систина“.

Во зависност од резултатите, третманот  во Центарот е медикаментозен и хируршки. Како што посочуваат од Клиничката болница дополнителна сигурност и безбедност за пациентите е тоа што сите операции на тироидна жлезда во „Аџибадем Систина“ се изведуваат со поддршка од систем за невромониторинг, кој ја зголемува безбедноста на оперативниот зафат и го минимизира ризикот од можни компликации.

- Интраоперативниот невромониторинг, кој го применуваме во соработка со невролошкиот тим, има значајна предност во однос на конвенционалната визуелна идентификација на нервите во пределот на тироидната жлезда. Претставува безбедна техника, која ни дава можност во реално време да ги следиме функцијата и интегритетот на нервите за време на хируршката интервенција, со што значително се намалува ризикот од нивно оштетување, особено на нервот кој е одговорен за гласот и говорот, изјави д-р Драган Смилевски, специјалист по торакална хирургија. 

Со отворањето на Центарот за тироидна жлезда, од Аџибадем Систина велат дека болницата се позиционира како референтен центар во регионот за најкомплексните случаи кај деца и возрасни, а посебен акцент во работата на Центарот е ставен и на раната детекција на евентуални вродени нарушувања на тироидната желзда кај новороденчиња преку ехоскрининг.