Македонија
2. July 2026 - 12:34

Соколарчани на протест, стравуваат за својата безбедност

Жителите на с Соколарци во општина Чешиново - Облешево, излегоа на мирен протест, за да го искажат револтот од несовесното однесување на возачите на тешки камиони кои превезуваат глина од околниот локалитет. Велат дека камионите го уништиле патот кој минува низ селото, не поседуваат церади за осигурување на товарот, возат над дозволеното ограничување и стравуваат за својата безбедност и на нивните имоти.

- Сега еден месец вртат по 5-6 камиони и неконтролирано се вози, многу брзо и го уништуваат патот, народ има овде што минува, куќите се уништуваат. Брзо возат, низ селото минуваат со 60-70 км на час, а од селото кон Спанчево и кружниот тек дури 80 и 90 км на час се вози, изјави Дончо Николов, преставник на МЗ „Соколарци“.

- Со многу голема брзина, ова е населено место, како прво и прво. Значи асфалтот, нема две години како е направен, целиот е пропаднат. Нашите коли се кршат, не нивните. Никој не внимава, секој си гледа својата работа да си ја заврши, изјави жителка на с. Соколарци.

Со проблемот велат ги запознале надлежните институции, но досега не добиле никаков одговор. Доколку не се преземат соодветни мерки, се заканија со радикални чекори.

- Ако не се преземе ништо во кратко време, ќе го блокираме патот, ќе поставиме земјоделска механизација и ќе пропуштаме само автомобило, тешки камиони, не, додаде Николов.

Од компанијата „Винербергер“ ДООЕЛ- Виница, која го врши ископувањето, велат дека ги поседуваат сите валидни документи за експлоатација на минералната суровина – глина на локалитетот „Горица-2“ кај с. Соколарци, кои се јавно достапни. Како ностел на концесијата, по завршување на активностите, кое ќе биде наскоро, ќе се изврши увид на штетите настанати од операцијата на транспортот на глината, а по искажаното незадоволство го задолжиле изведувачот на почитување на сите законски обрски за безбедност во сообраќајот.