Македонија
18. August 2026 - 16:42

Земјоделците произведуваат поскапо, а продаваат поевтино, покажаа податоците на Државна статистика

Трошоците за производство растат, заработката паѓа. Земјоделците плаќаат повеќе за да произведат, а за своите производи добиваат се помалку. Ова го покажуваат најновите податоци на Државна статистика. Во јули годинава, споредено со истиот месец лани, земјоделските производи биле поевтини за 5 и пол проценти. Истовремено, трошоците им се зголемиле за над 4 отсто. 

Од Агро-бизнис комората велат дека ваквата состојба создава дополнителен притисок врз земјоделците.

„Оваа година агросекторот се соочува со сериозен предизвик. Од една страна, производствените трошоци остануваат високи, односно репроматеријалите, тоа се ѓубривата, заштитните средства, работната сила и механизацијата, а од друга страна кај дел од земјоделските производи откупните цени се пониски од минатата година. Ова создава притисок врз профитабилноста и одржливоста на производството“, вели Васка Мојсовска од Агро-бизнис комората.

Најголем пад има кај растителното производство, каде цените се намалиле за 6,8 отсто. Овошјето и грозјето поевтиниле за 13,2 отсто, а зеленчукот за 11,4 отсто.

Од друга страна, цените на индустриските растенија пораснале за 19 отсто, а компирот за 2,1 отсто. Кај житата и оризот нема промена.

Кај добиточното производство цените се намалиле за 0,2 отсто.

Од друга страна, најмногу пораснале цените на ветеринарните услуги, а енергијата, горивата и мазивата се поскапени за речиси 8 отсто. Поскапеле и семињата, минералните ѓубрива и средствата за заштита на растенијата.
Уште поголем раст има кај средствата за инвестиции, Машините и транспортната опрема.

Според Мојсовска, ваквиот тренд не е карактеристичен само за Македонија, туку се забележува и во Европа. Смета дека решението треба да се бара преку заеднички дијалог меѓу институциите, производителите, откупувачите и трговците, со цел да се обезбедат стабилно производство, сигурен пласман и приход за земјоделците.

„Ако земјоделецот не може да ја покрие производствената цена и да оствари минимална заработка, тогаш се доведува во прашање идното производство и развојот на целиот аграрен сектор. Земјоделството мора да сфатиме сите дека не е само бизнис, туку тоа е прашање за храна, за рурален развој и за национална сигурност. Затоа инвестицијата во земјоделецот е инвестиција во иднината на државата“, изјави таа.

Инаку во Македонија постојано се намалува бројот на земјоделци. Ако пред десетина години биле регистрирани над 90 илјади, сега таа бројка е околу 65 илјади.