Разнесени трупови на еутанизирани овци, сточарите бараат итна реакција од АХВ
Кучиња, диви животни и птици разнеле дел од еутанизираните овци, кои биле заразени од овча сипаница и закопани во јами во атарот на селото Соколарци, во општина Чешиново-Облешево, тврдат од Сојузот на одгледувачи на овци. Тие излегоа на терен и констатираа дека 4 јами и после 20 дена од одлагањето на труповите не биле затрупани. Критични се кон АХВ, зашто сметаат дека не ја држат ситуацијата под контрола.
- Од конвеларија не се следи ситуацијата. Гледаме дека имаат проблем со организацијата. Слушаме од селаните дека тие самите ги носеле и ги затрупувале овците, крвта од убиените овци течела по патот, што е голем ризик, изјави Насер Џемаили, претседател на Сојузот на одгледувачи на овци.
Се сомневаат и во официјалната статистика за тоа колку овци досега се еутанизирани. Апелираат и за брз одговор на институциите во однос на имунизацијата на здравите стада.
- Во понеделник на АХВ ни кажаа дека има 5000 овци (еутанизирани), меѓутоа ние гледаме позади нас само 2500, според бројката што ни ја кажаа овде селаните. Слушнавме дека за вакцина имаме донација од Турција, но, нека ги убрзаат процедурите. Знаеме дека постојат процедури, ние не ги знаеме, од АХВ ги знаат, нека направат било што и како знаат да тие процедури бидат скратени, забрзани, за што побргу да с еорганизираат, изјави Милена Величковиќ, одгледувач на овци од Куманово.
Од друга страна, над 50-тина семејства само во источниот регион останаа без своите стада, а тоа значи и без средства за егзистенција, а во прашање е и иднината на овчарството.
- Ми се плаче кога ќе помислам дека сабајле кога ќе станам, стадото да ми биде разболено или не дај Боже, нема да биде тука и се ставам во кожа на овчарите на кои веќе им се одземени, додаде Величковиќ
Од Сојузот бараат институциите итно да излезат со јасни информации за преземените мерки и конкретен план за спречување на натамошното ширење на болеста.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
