Македонија
20. August 2026 - 16:36

Обвинетите го оспоруваат вештачењето за „Пулс“, за родителите тоа е јасно и аргументирано

Обвинетите за пожарот во „Пулс“ го оспоруваат градежното вештачење кое откри низа пропусти во објектот. На денешното рочиште, деканот на Градежниот факултет, Горан Марковски кој го предводи тимот на градежни вештаци, одговараше на прашања поставени од адвокатката на сопственикот на дискотеката.

Според Ивана Коцевска, реконструкциите кои ги претрпел објектот, не влијаеле на неговата безбедност. Внатрешните тераси во дискотеката, според неа, не предизвикале пукнатини во меѓукатната плоча, а потпорите со кои била зголемена носивоста, обвинетиот Гроздан Милковски во судницата кажа дека ги поставувал со свои раце. Според професорот Марковски, постоела опасност од пробивање на плочата.

„Корисниот товар за дискотеки е околу 500 килограми по метар квадратен, тоа значи дека имаме дополнителен товар од 50 тони. Тоа е товарот со додавањето на галериите. Најнеповолното сатитичко влијание од начинот на кој се изведени, е опасноста од пробивање на столбовите низ тенката меѓукатна плоча од 12 сантиметри“, изјави Горан Марковски, Проф. на Градежен факултет – Скопје.

Според родителите, градежното вештачење било јасно и аргументирано. Освен состојбата на објектот, тоа ги посочувало и пропустите кај надлежните органи.

„Одбраната се обидува да го оспори вештачењето, но со напади врз вештаците не се бришат документите, фактите и утврдените пропусти“, изјави, Александар Наунов, татко на загинатата Надица.

Според вештачењето изработено од професори на градежниот факултет, „Пулс“ немал ниту еден прописен излез за евакуација, единствената функционална врата била двојно потесна од законските стандарди, а вградените материјали за внатрешното уредување, придонеле за брзо ширење на огнот.